Градоначалникот на Куманово Максим Димитриески, сепак, нема коронавирус. Како што соопшти на „Фејсбук“, денеска го добил резултатот од вториот контролен тест направен во Институтот за јавно здравје, кој е негативен, па од утре продолжува посветено со неговите работни обврски.
Тој изрази разочарување по изјавите на портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.
Од 1995г. се водам по начелата на мојата партија за демократија, еднаквост, отчетност, одговорност… и во тој дух ја извршувам функцијата градоначалник на најголемата општина во државата и ќе продолжам така. Длабоко сум разочаран од изјавата на портпаролот на СДСМ и ја сметам за избрзана и несреќна. Покрај политичка носиме и институционално – општествена одговорност кон граѓаните и јавноста кои не избираат по предлог на партиите.
Дебатата ќе ја водиме внатре во партијата. Сега е време за дејствување против епидемијата и помош на граѓаните. Постапката ќе покаже дека нема основ за кривично дело и дополнително ќе ги потврди сомнежите. Институционалната хајка која се води против мене и членовите на штабот изминатите денови за мене до овoj момент е неразбирлива.
Не сакам ни да помислам дека некој во овие тешки моменти се поигрува со здравјето на моите сограѓани, води политика и креира црни сценарија за елиминација на неистомисленици. До тогаш останувам посветен на борбата против епидемијата и моите секојдневни обврски за доброто на сите граѓани, рече Димитриески.
Тој уште еднаш ја повикува директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Министерот за здравство да го достави извештајот на увид кај него, штабот и јавноста, бидејќи сепак, како што вели, тоа не е таен документ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.