Министерката за образование и наука Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче треба да се минато во СДСМ, смета Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово. Матична партија на Димитриевски е СДСМ, а тој на овие локални избори настапи како независен кандидат и го освои вториот мандат во Куманово.

Мојата партија СДСМ побегна од идеологијата, голем број од луѓето во раководството на СДСМ никогаш не припаѓале во партијата. Конкретно, ФЗОМ го водеа луѓе кои не се од СДСМ, Мила Царовска и Венко Филипче лукративно постапуваа, но тие треба веќе да се минато во партијата. Граѓаните испратија порака. Не доживеаја пораз само кандидатите за градоначалници на изборите, туку политиките кои се спроведуваа на централно ниво, изјави Димитриевски, кој гостуваше во Студио 10 на ТВ24.

Градоначалникот вели дека во Куманово состојбата била поинаква.

Тврдам дека ниту еден партиски интерес не може да биде пред националните интереси. Од СДСМ голем број пријатели ми честитаа, за жал Заев се уште не се јавил. Многу сум разочаран од изјавата на Заев дека се споиле жртвите со насилниците – ниту во еден момент не сум се споил со ВМРО-ДПМНЕ, иако добив поддршка и во прв и во вториот круг. Јас поинаку ќе го поставам прашањето, на мене ли ми побегна Груевски од Македонија, а за тоа Заев ќе треба да даде објаснување, погубните политики ја доведоа партијата во ваква ситуација, рече Димитриевски во Студио 10 на ТВ24.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.