Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во денешното гостување во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24 изјави дека пандемијата од КОВИД-19 ќе не освести што всушност значи јавното здравство.
Тој посочи дека порано во здравството се вложувало во проекти кои не биле корисни, а сега во здравствената криза се виде суштината на јавното здравје како дел од здравствениот систем кадешто се обезбедува колективното здравје на сите граѓани.
Секаде Институтот за јавно здравје и неговите експозитури поднесуваат редовни годишни извештаи за своето работење. Во минатото ги разгледувавме паушално тие извештаи и не им придававме големо значење. Оваа епидемија ќе не освести што всушност тоа значи јавното здравство и зошто во поранешната сојузна држава во којашто живеевме толку многу се инвестираше токму во таа насока, на јавното здравје, потенцираше градоначалникот Димитриевски.
Во гостување во Студио 10, Димитриевски упати апел на што поскоро обезбедување на вакцини за колективна имунизација.
Недозволиво е да бидеме последни во регионот и да немаме обезбедено вакцини. Последни сме во регионот, но немам податоци каде сме во светот. Но, каде се нашите партнери на коишто полагавме толку многу надеж? Значи имаме стратешки партнери кои во овие моменти требаа да ни се најдат. Ги разбирам тие оправдувања дека потребите за вакцините се секаде големи. Но, сепак ние сме една мала нација, која мора да побара начин да се самозаштити. Малите држави во ваквите сложени пандемии на светско ниво имаат поголеми предности во однос на поголемите држави и нации затоа што полесно се контролираат и полесно се самозаштитуваат. Не е исто да дисциплинирате и да воведете во систем 2 милиони луѓе или пак 200 милиони држава. Но, сепак мислам дека тука има направено одредени пропусти. Имаме добиено одреден број на вакцини од донација и благодарен сум за тоа. Во Куманово имаме некаде околу 100 вакцинирани здравствени работници, но сепак вакцините треба да стигнат до сите граѓани. Околу сите оние шпекулации за вакцините, доколку се воведе одредена вакцина прво треба политичкиот лидерштип да ја прими таа вакцина и со тоа да докаже дека таа е сигурна за употреба, рече Димитриевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.