Воведувањето на уредите за биометриска идентификација на гласачите во постапката на гласање на локалните избори 2021, треба да го унапреди процесот преку дигитализација и автоматизирање на дел од постапката, порача претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.

ДИК донесе и упатство за начинот и утврдување на идентитетот на гласачот врз основа на кое ќе ја спроведуваме и денешната симулација на постапката за гласање – изјави Даштевски.

Тој посочи дека во последните десет години користењето биометриски системи за регистрација и идентификација на гласањето станало пошироко распространето. Како што кажа, целта е да се обезбеди еднаквост на гласачите врз основа на принципот еден гласач – еден глас.

Биометријата е најдобрата технологија за идентификување и проверка на гласачите, а со сигурност брзо врз основа на нивните уникатни физички карактеристики како што се отпечатоците на прсти. За идентификација на гласачите отпечатоците се споредуваат со референтни отпечатоци од нивните документи за идентифакција што озвоможува гласачот да биде со сигурност проверен и потврден како носител на идентитетот. Во изборното право гласањето се смета за фер доколку ги исполнува условите за еднаквост и слобода, а тајноста на гласањето се почитува – нагласи Даштевски.

Со цел информирање на сите заинтересирани за тоа како ќе се одвива изборниот процес со користење на уредите за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток од прст, кои првпат ќе се применуваат на претстојните локални избори, ДИК организираше симулација на постапката на гласање и презентација на уредите.

Симулацијата ги опфати и сите други постапки при процесот на гласање, со примена на мерките за заштита од ширење на Ковид-19.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.