До крајот на неделата треба да пристигнат договорените 4000 терминали за отпечатоци од прсти што првпат ќе се користат на Локалните избори 2021 година на 17 октомври. Државната изборна комисија денеска прими уште повеќе од илјада од овие терминали, а веќе е започнато и полнењето со податоци од граѓаните на веќе пристигнатите, изјави денеска претседателот на ДИК Александар Даштевски, кој присуствуваше на примопредавањето.

Со денешнава пратка очекуваме да пристигнат уште околу илјада уреди за биометриска идентификација на граѓаните и со тоа ќе ги имаме над половина од потребните уреди, а до крајот на неделата ќе пристигнат сите, уште две пратки на секои два дена. Во моментот во ДИК трае полнењето на смарт картичките кое треба да заврши денеска и попладне треба да почне полнењето на апаратите бидејќи имаме доволно време. Полнењето ќе заврши некаде до 11 октомври, рече Даштевски.

Едукацијата на избирачките одбори, како што кажа, се одвива добро, но ќе има уште еден циклус обуки за употребата на терминалите за што е подготвено упатство за работа со нив и изготвено видео.

Ќе се поделат упатствата и стикови со видеото за тие во секое време да можат да го видат. Планираме само за електронскиот дел да направи уште по една обука за сите во распоред од 12 до 15, во зависност од тоа кој избирачки одбор кога е слободен, рече Даштевски, бидејќи овие уреди во земјата ќе се применуваат првпат.

На денот на изборите, ДИК бара да има околу двеста ИТ инжинери кои ќе им помагаат на луѓето што управуваат со опремата и компанијата која ги испорачува апаратите има исто така ангажирано 80 луѓе, кои исто така ќе им помагаат на ИТ тимот во ДИК и на избирачките одбори.

Заклучениот Избирачки список е веќе даден на печатење, а веќе се печатат и гласачките ливчиња. Даштевски најави дека членови на ДИК најверојатно утре ќе одат да проверат како се одвива нивното печатење.

Можеби утре ќе одиме да провериме како се одвива печатењето на списоците и да ги провериме специмените на гласачките ливчиња, првите примероци. Но, сметам дека сега засега е се во ред и веќе 90 отсто од ливчињата се испечатени, што е добро. Останува до крајот на неделата да се допечати Избирачкиот список. Кога ќе се испечати ќе го потпишеме, најави Даштевски.

Избирачкиот список треба да биде потпишан најдоцна до 1 октомври.

Претседателот на ДИК смета дека Локалните избори ќе бидат добро гарантирани, но не може да гарантира како ќе се одвива техничкиот дел со примена на терминалите за идентификација бидејќи тоа се случува првпат и немало пилот примена.

Може да кажеме дека некои работи предвреме ги завршуваме, дека сите дејствија, следите и сами по Роковникот, уредно и навреме се завршени. Дадени се инструкции на ОИК да им се олесни работата и сите наши обврски што сме требале ги завршивме. Сите упатства, правилници, одлуки, обрасци итн, така што тоа ветува дека добро ќе се одвиваат изборите. Во однос на овој техничкиов дел, повеќе пати сум изјавил, дека не можам ништо да кажам бидејќи е првпат, не сме имале пилот да согледаме кои би биле слабостите на тој систем и се надевам дека се ќе биде во ред, но ништо не можам да кажам, рече Даштевски.

На Локалните избори на 17 октомври ќе се применуваат истите мерки за превенција од Ковид -19 како на претходните избори. Гласањето ќе почне во 7 часот, а ќе заврши во 19:00.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.