Државната изборна комисија (ДИК) денеска изврши избор на компанијата што треба да го набави интегрираниот систем за биометриска индентификација на гласачите. Како што дознава Република од свои извори, станува збор за германската компанија „Дермалог“. ДИК најави повеќе детали за утре

На повторениот тендер за набавка на интергрираниот систем се пријавија четири компании. Претседателот на Комисијата Александар Даштевски на 2 јули изјави дека системот и терминалите за вчитување на отпечатоци од прсти ќе бидат навреме набавени за локалните избори. Идентитетот на гласачите на локалните избори за првпат ќе се проверува со терминали за отпечатоци од прсти, нешто што беше предвидено со последните измени на Изборниот законик.

Даштевски тогаш рече исто така дека очекува локалните избори да бидат распишани од страна на претседателот на Собранието на почетокот на август.

Државната изборна комисија (ДИК) и Општинските изборни комисии денеска започнаа со избор на членови на избирачките одбори за претстојните локални избори. Редоследот на изборот, според информациите од Комисијата, е според големината на општините. Предвидено е изборот на членовите на избирачките одбори да заврши следната недела. Се бираат комплетно нови избрачки одбори бидејќи на старите им истече мандатот.

Локалните избори во Македонија се најавени за втората половина на октомври. ев/дма/

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.