Државната изборна комисија (ДИК) денеска ја одржа 11 седница на чиј дневен ред беа неколку точки, меѓу кои разгледување на барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател и член и заменик на Општинските изборни комисии (ОИК), случаен избор на претседател, заменик претседател и член и заменик на ОИК чии барања за изземање се прифатени од ДИК, како и правилник за изменување и дополнување на правилникот за систематизација на работните места во стручната служба на ДИК.

На седницата беше усвоен записникот од 10-тата седница на ДИК, а потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, соопшти дека до нив пристигнале 44 барања од претседатели, потпретседатели, членови и заменици членови на ОИК кои бараат нивно изземање поради одредени здравствени, семејни или други причини. Дел од тие барања беа прифатени, а на нивно место на истата седница по случаен избор се избраа нови претседатели, потпретседатели, членови и заменици членови на ОИК.

Членовите на ДИК на денешната седница го усвоија и правилникот за изменување и дополнување на правилникот за систематизација на работните места во стручната служба на ДИК. Како што појасни потпретседателката Шеху, со ова нема да ја зголемуваат, ниту намалуваат систематизацијата, туку на некои места додаваат дополнително стручно оспособување на вработените или дополнување со друг вид образование и на одредени подрачни одделенија каде бројот им е зголемен, а во некои други подрачни одделенија каде имаат намален број на вработени, прават размена на работните места.

Потпретседателката на ДИК Шеху, во врска со конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој беше објавен вчера, пред почетокот на седницата, посочи дека сите материјали во писмена форма уште еднаш ќе ги испратат до ДЗР за да ги разгледаат, бидејќи, како што посочи, дел од наведените точки во извештајот се неточни.

ДИК никогаш не вршеше исплата без соодветна доставена документација за ниту еден денар, а не такви износи кои беа прикажани вчера во медиумите. Првата точка дека ДИК извршила исплата за надоместок без да достави документи не е точно. Тука ние ги имаме податоците кои им беа дадени на ДЗР. ОИК до ДИК согласно Изборниот законик доставуваат извештај за работа и финансиски извештај, тука ни се материјалите, истите ги имаме во правниот сектор, сите се со потребна документација и за извештајот за работа и финансиските извештаи со сите фискални сметки, како што е кажано во прирачникот на ДИК – рече Шеху.

Во однос на забелешката дека ДИК вкупно за 154 лица ангажирани како помошни тела платила 5 милиони денари без критериуми, кои не се квалитативно определени и мерливи, таа рече дека согласно Изборниот законик, ДИК по распишување на изборите носи одлука за утврдување на потреба од формирање помошни тела за спроведување на изборите.

ДИК во 2019 и 2020 повеќето од изборите ги спроведе со помошни тела затоа што во правниот сектор, финансиски сектор, секторот за ИТ, имавме само по едно лице вработено со неопределено време договор. ДИК носеше нова систематизација, побара план за вработување и се обрати до МИОА и МФ за вработување на неопределно вработени лица за стручната служба на ДИК. ДИК е комплетирана што се однесува на вработените – посочи Шеху.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.