Девет членки на ЕУ му пишаа на министерот за надворешни работи на ЕУ, Џозеп Борел, да одржи стратешка дискусија за земјите од Западен Балкан и нивните перспективи на состанокот на министрите за надворешни работи што ќе се одржи во април, пренесува порталот „Еурактив“.

Во писмото до Борел министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и Словенија векат дека време е да се фрли стратешки поглед на Западен Балкан. Според нив, многу работи се сменија од последната дискусија за проширувањето на Советот за надворешни работи во август 2019 година, предупредувајќи на геополитичките последици од пандемијата на коронавирус.

Имаше динамичен внатрешен политички развој во земјите од регионот. Но, пандемијата ги влоши постојните трендови, рекоа министрите, додавајќи дека други играчи се подготвени да се вклучат во регионалните прашања, често на штета на ЕУ.

Министрите за надворешни работи на деветте земји на ЕУ сметаат дека на Западен Балкан треба да се гледа не само во контекст на проширување туку и на надворешната политика на ЕУ и бараат од Борел да размисли како да одговори на тековните предизвици на теренот, но исто така и да бидат поактивни кога станува збор за ангажирање на други играчи на тоа поле.

Министрите објаснуваат дека ЕУ обезбедила огромна поддршка за земјите од регионот, но и дека другите играчи се поефикасни во промовирањето на сопствената помош, со што се поткопуваат сигурноста, кредибилитетот и перцепцијата на солидарноста на Европската Унија.

Затоа, тие сметаат дека Западен Балкан треба да се најде на агендата на следната седница на Советот за надворешни работи на ЕУ во април.

Според календарот на активности, состанокот на министрите за надворешни работи треба да се одржи на 19 април во Луксембург.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.