Актуелната министерка за правда од редовите на СДСМ, Рената Дескоска потврди дека се повлекува од извршната власт и се враќа на Универзитетот.

Јас најавив пред извесно време дека сакам да се вратам на мојата професија и да се посветам на стручна работа. Секако, Владата, премиерот Заев и кој и да е новиот министер за правда ќе ја имаат мојата целосна стручна поддршка, изјавила Дескоска за ТВ 24.

Таа е професорка по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Членка е на Извршниот одбор на СДСМ и македонска претставничка во Венецијанската комисија.

Според последните информации, кои треба да ги потврди и самата партија по вечерашната седница на Централниот одбор, на нејзино место во Министерството за правда ќе седне досегашниот советник од редовите на СДСМ, Бојан Маричиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.