Какви дилови се можни меѓу владејачкото партнерство заради обезбедување цензус, но и победа на Пендаровски? Ова е едно од најчестите прашања стигнати во електронското сандаче на нашата редакција. Што се е подготвен да прифати премиерот, а што да побара Ахмети, објавува „Алфа“.
Од досега ставените опции на маса меѓу последните е јасно изразениот став на лидерот на ДУИ дека ако нема цензус во вториот круг оправдано било да се размислува за уставни измени за избор на претседател во Собрание. На ова прецизен одговор од премиерот нема. Тој е убеден дека немањето цензус е влез во нова политичка криза, но не ја отфрли децидно идејата на Ахмети. Првиот правник во извршната власт, како што ја нарече Заев министерката Дескоска, повикувајќи се на препорака на Венецијанската комисија, порача дека цензусот за избор на претседател е несоодветен и треба да се отстрани.
Според највисокиот правен акт, по неуспешен избор стои оти се распишуваат нови избори, но правниот недостаток за прецизен рок, остава простор, за различни сценарија ако не успеат изборите. Претседателот на ДИК за Алфа вели оти би било нормално да се распишат веднаш нови. Но ако власта реши да го менува Уставот избори нема да се распишат.
Ако се закажат избори ќе треба да се почека да завршат тие избори, па после да се премине кон таква една постапка, ако владејачкото мнозинство има таква намера. Недореченоста во законските одредби, на пример членот 122 во Изборниот законик кој ја уредува таа обврска, вели само дека се одржуваат нови избори, ама нема ни кога ни рок. Тоа дава можност за шпекулации од овој вид. Нормално би било веднаш по објавување на конечните резултати на Државната изборна комисија да се распишат нови избори и да се оди во организација на нови избори. Сметам дека владејачкото мнозинство доколку се одлучи на промена на Уставот со кој Претседателот ќе се бира во Собранието, веројатно тоа ќе го прави пред распишување на нови избори, нагласува Деркоски.
За да се изведе промена на Уставот неопходно е двотретинско мнозинство во Собрание.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.