Владата денеска на седница ќе ги разгледа предлозите на Комисијата за заразни болести и на Главниот штаб. Комисијата за заразни болести реши да и препорача на Владата нов пакет рестриктивни мерки за период од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во претстојниот период на празници. Се предлага угостителските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо во 21 часот и да нема групирања дома и на отворено.
Препораките за рестриктивни мерки се насочени на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препораки кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти.
Според анализите на Министерството за здравство, претходните мерки веќе даваат резултати, а репродукцискиот број (R0) или факторот на репродукција, кој на почетокот на ноември беше 1,5, сега е под 1, поточно 0,95.
Намалување на новозаразени беше забележано во претходното деноноќие. Вчера беа забележани нови 213 случаи на заразени си коронавирусот од направени 741 тестирања, 26 починати и 632 оздравени пациенти.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 73851, бројката на оздравени пациенти е 50046, на починати е 2147, а бројот на активни случаи изнесува 21658.Најмногу активни има во Скопје – 11307, следи Тетово – 976, Прилеп – 893, Битола – 843.
На инфективните оддели во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 1331 пациент, од кои во Скопје 505 и има околу 170 празни болнички кревети. Најмногу хоспитализирани има на Клиниката за инфективни болести, каде што лежи 151 пациент, а во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 113 болни од Ковид-19.
На инфективното одделение во Куманово се лекуваат 108 пациенти болни од Ковид-19, во ковид – центарот во Прилеп хоспитализирани се 106 пациенти, а во Охрид 100.
Ковид-19, една од главните теми, во првите 100 дена од мандатот на новата Влада, одбележани вчера.
Целосно сме насочени кон поуспешно справување од здравствената криза предизвикана од Ковид-19. Направивме реорганизација на здравствениот систем, каква што не се случила во историјата за одговор на пандемијата и успешно го амортизиравме силниот есенски бран. Ги активиравме и направивме ротација на сите здравствени работници, план кој беше подготвен уште во летото. Ги ставивме сите ресурси во заштитата на здравјето на граѓаните, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој потенцира дека донеле одлука да ги наградат сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од коронавирусот, го зголемиле и бројот на тестирања од Ковид-19 и го подигнале на речиси 3000 дневно.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека очекува кога земјите-членки на ЕУ ќе ја имаат вакцината и ќе почнат да ја употребуваат, тогаш и кај нас да почне да се користи.
Набавките на вакцините против Ковид-19 ќе ги прави нашата земја директно преку Министерството за здравство и никој друг. Првиот механизам е Ковакс во кој се влезени 127 земји каде рамноправно насекаде временски еднакво треба да стигне вакцината. Втората наша надеж е од земјите-членки на ЕУ. Тоа се напорите на ЕУ кога ќе се пушти вакцината да се имплементира во нејзините земји-членки, ќе се имплементира и во земјите од Западен Балкан. Такви напори прави ЕУ. Грција исто така има направено нарачки освен за нив и за нас, истакна Заев, на вчерашната прес-конференција на која ги презентираше остварувањата од работењето на Владата во првите 100 дена.
Во однос на вакцинацијата, министерот Филипче при гостување на Сител телевизија потенцираше дека изминатиот период интензивно се работеле на координација и подготовка на здравствениот систем за вакцинацијата против Ковид-19.
Филипче информираше дека преку три механизми државата бара по 800 илјади дози вакцини, а целта е да се вакцинира 60 до 70 отсто од населението, повторно нагласувајќи дека први за вакцинација ќе бидат здравствените работници, посебно оние кои работат со ковид пациентите, понатаму повозрасните граѓани над 65 години, пациентите со хронични болести, пред се оние со хронични болести на белите дробови и срцето.
Министерот потенцираше дека вакцината ќе биде бесплатна за граѓаните и на доброволна основа, но со цел да се подигне свеста за потребата од вакцинација, се подготвува кампања и ќе бидат преземени сите мерки, вклучително и повикување на одговорност за оние кои ќе шират лажни вести во врска со неефикасноста на вакцината или нејзината поврзаност со некои болести.
Видовме и бевме сведоци на силна антиваксерската кампања минатата година за време на епидемијата со морбили. И тогаш имавме сериозен проблем. Но сега, повеќе од било кога е јасно какви се ефектите и последиците од болест за која немаме вакцина, посочи Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.