Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде изречена пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Пресудата за овој предмет во судница треба да ја чуе и поранешниот директор на УБК и еден од обвинетите Сашо Мијалков, кој ќе биде спроведен од домашен притвор што му го одреди судот како мерка на претпазливост.

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.

Судењето за „Таргет – Тврдина “ започна на 22 декември 2017 година. Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов.

Обвинителството во завршните зборови посочи дека и покрај сите пречки со кои се соочувале во истрагата успеале да докажат дека обвинетите ги извршиле делата за кои се товарат и побара максимални затворски казни.

Обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски, во завршните зборови на Обвинителството беа споменати како главни осомничени, односно обвинителката Ленче Ристоска двајцата, заедно со поранешната началничка од МВР, Надица Николиќ, ги посочи како создавачи на групата за прислушување и поради тоа побара максимални затворски казни за нив.

Иако се работи за кривични дела за кои е запретена максимална затворска казна до 5 години, сепак имајќи ги предвид последиците на кривично дело и импактот кои овие последици го имаат како на животите на лицата чии комуникации биле незаконски следени така и импактот на целокупните општествени процеси, сметаме дека нема пречка за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ како создавачи на групата да бидат изречени максимални казни затвор за секоја од кривичните дела кои им се ставаат на товар, образложи обвинителката Ристоска.

Адвокатот на обвинетиот Сашо Мијалков, бранителот Миле Петровски, пак, во завршните зборови истакна дека теоријата на Обвинителството во случајот „Таргет-Тврдина”, против неговиот клиент, е само теорија заснована на недокажани претпоставки.

Сличен став имаше и обвинетиот Тони Јакимовски (поранешен шеф на кабинет на директорот на УБК, Сашо Мијалков), кој посочи дека обвинението е неосновано, конфузно и не е поврзано. Тој смета дека дека обвинението не е поткрепено со вистински докази, кои би го потврдиле кривичното дело кое му се става на товар и не може да истрпи елементарна правна критика, а не пак осудителна.

Обвинението е неприфатливо и за обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која во своите завршни зборови пред Судот рече дека совеста ѝ е чиста, како и дека не го сторила делото за кое ја гонат. Таа посочи дека Судот може да ја задоволи правдата само ако донесе ослободителна пресуда за неа. Како што појасни Јанкулоска, теоријата дека помогнала во уништување на опремата за прислушување не е поткрепена со ниеден доказ и, според неа, значајно е да се направи разграничување што се случувало пред да биде изготвено и доставено на потпис решението за формирање на Комисија за ништење на системите за прислушување.

Заврши зборови дадоа и другите обвинети. Сите побараа ослободителна пресуда.

Од клучните факти и докази презентирани на главната расправа, обвинителката Ристовска рече, дека Обвинителството неспорно докажало дека обвинетиот Горан Грујевски ги сторил кривичните дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетиот Тони Јакимовски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетата Гордана Јанкулоска сторила кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“; обвинетиот Никола Бошковски сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“; обвинетиот Сашо Мијалков сторил кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“; обвинетата Надица Николиќ сторила кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“; обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, сториле кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”, како и дека обвинетата Валентина Симоновска, сторила кривичнo делo „фалсификување службена исправа“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.