Во очекување на амбасадорскиот состанок на кој германското претседателство повторно ги враќа заклучоците за проширувањето на ЕУ, вклучително и за  Македонија, кои беа отстранети минатата недела поради блокадата на Бугарија за преговорите со Македонија, шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева излезе со нови обвинувања против Скопје, а нејзиниот колега Бујар Османи со идеја за паралелно одвивање на имплементацијата на Договорот за добрососедство со пристапните преговори.

Според Захариева, Бугарија не го негира јазикот и идентитетот на Македонците, туку, таа смета дека процесот бил обратен, односно, како што рече „тие ги негираат правата на Бугарите“ наведувајќи дека „секој кој се определува како граѓанин со бугарски корени во земјава и понатаму се дискриминира“.

-Најтешка тема се неточните обвинувања што се слушаат подолго време дека им го негираме правото на самоопределување на Македонците. Или правото да го нарекуваат нивниот јазик како што сакаат. Но, земјите не признаваат јазици или нации, туку само други држави, вели меѓу другото Захариева во интервју за „Велт“.

Прашана зошто нејзината земја го блокира почетокот на преговорите на  Македонија со ЕУ, Захариева дава серија причини, почнувајќи од имплементацијата на Договорот за добрососедство, обвинува за политизизација на работата на мешовитата историска комисија и за недоволно вложување во инфаструктурни проекти како железничкото поврзување на двете земји. На прашањето, дали има надеж да се најде компромис до крајот на годинава, кога завршува германското претседавање со ЕУ, Захариева одговара со цитат од францускиот претседател: „Квалитетот е поважен од брзината на процесот“ и бара да престане омразата.

Премиерот Зоран Заев вчера на прес-конференција објаснувајќи ги причините зошто нема да свика лидерска средба по објава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук, ги потврди уште еднаш позициите на Владата во однос на несогласувањата со Софија.

– Владата покажа пример на пријателство и продолжува да гради пријателство. Покажа дека ги има своите црвени линии и никогаш не помислува да погази било какви интереси. За жал не ја добиеме првата меѓувладина конференција, која варувам дека ќе ја добиеме час поскоро затоа што целосно ја заслужуваме. 26 земји членки се комплетно позади нашите позиции, рече Заев, додавајќи дека ќе бара други алатки за информирање за разговорите со Софија.

При отчетот за 100 дена од формирањето на неговиот Кабинет тој порача дека Владата постојано дава и ќе продолжи да дава идеи се додека не бидат надминати проблемите и пречките кои од страна на Бугарија се испоставија за нашата европска интеграција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.