Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Властимир Алексовски засега се тројцата официјални кандидати за претседател на СДСМ.

Рокот за поднесување кандидатури истекува попладнево во 16 часот. Дотогаш се очекува Јован Деспотовски да соопшти дали ќе биде четвртиот кандидат за партиски лидер, а можност за влез во изборната трка најави и Миле Зечевиќ.

Сериозно размислувам за тоа. Член сум на партијата 25 години и сум поминал различни нивоа од почетното најниско, до член на највисоките раководни структури на партијата. Сметам дека имам реални резултати во мојот професионален ангажман така што сметам дека можам да понудам и нов концепт околу кој ќе се обединат не само партијата, туку и општеството. Одлуката не е лесна. Предизвикот е голем, времето е доста комплицирано и одговорноста е голема. Одлуката ќе ја соопштам утре, бидејќи сакам денеска да го искористам денот да се исконсултирам дополнително со моите најблиски и со моето семејство зашто и нив ги вовлекувам исто така во целата приказна, рече вчера Деспотовски.

Ковачевски и Ременски кандидатурите за претседател на СДСМ ги поднесоа во средата, а Алексовски вчера.

Ковачевски ја достави и програмата „Заедно, одговорно и посветено“ по што на својот фејсбук профил напиша дека „во време на предизвици со кои се соочува македонското општество одговорно е да се преземе чекор, да се делува“.

Ременски, пак, очекува натпревар на умови и идеи.

Алексовски е член и активист на СДСМ од општинската организација на партијата од Куманово, а како што соопшти СДСМ, по анализирање на поднесената документација и утврдување дали апликацијата на Алексовски е согласно Правилникот и дали ги исполнува пропишаните услови, Централната изборна комисија ќе соопшти дали ја верификувала.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.