Ден Дончев во изјава за ПресингТВ негирал дека го рекетирал сопстевникот на фирмата „Диамед“, еден од концесионерите за вршење дијализа во државата.

Не!-беше краткиот и дециден одговор на директорот на Фондот за здравство, стои во текстот на ПресингТв.

Прашањето било упатено при кратката средба кога Дончев ја напуштал Владата, по завршувањето на средбата со новинарите на која тој ја презентира хронологијата и делови од, како што рече, штетниот договор, што претходната власт го потпишала со двајца концесионери за вршење дијализа во центрите во Македонија.

Ниту Владата, ниту Министерството за здравство, ниту Фондот не ја спречи купопродажбата на фирмата „Диамед“ на шведската фирма „Диаверум“. Писмата, што се испратени до нив беа со намера да ги предупредиме дека се можни последици за нив, зашто укажавме дека станува збор за крајно неповолен договор за државата, изјави на средбата со новинарите Ден Дончев.

Директорот на Фондот за здравство на неколку конкретни прашања дали го познава Зоран Милески-Кичеец имал обид да избегне директен одговор, па дури на четвртото прашање изјавил:

Го познавам само од телевизија.

Дончев не бил сигурен дали во писмото од јануари 2017 година до шведската фирма ги известува дека против македонската фирма, што сака да ја купи-„Диамед“, се води предистражна постапка или, пак, надлежното обвинителство веќе водело конкретна истрага. Отсуството на конкретен одговор, ги отвара сомневањата како Дончев знаел најмалку седум месеци порано дека против „Диамед“ ќе се води истрага!

На средбата со новинарите директорот на Фондот за здравство посочил дека нема да дозволи аферата „Рекет“ да добие свое продолжение во „Рекет 2“ и оти многу брзо ќе се знае дали, измамниците ќе се претворат во жртви.

Дончев  децидно изјавил дека немало обид да се спречи купопродажбата на „Диамед“, дека тврдењето на Вера Иванова е небулоза, оти единствен добитник во ситуацијата е токму Иванова и, конечно, дека сите странски инвеститори се добредојдени во земјата.

„Диамед“ има склучено договор за концесија со минатата власт на период од 20 години, со кој, меѓу другото, се предвидува во случај по било кој основ тој да се раскине, државата ќе мора да плати обесштетување од 28 милиони евра. Од друга страна, пак, единствена обврска на концесионерот е на здравствената установа да и плаќа месечена кирија од 7.500 денари или 125 евра. Клучниот проблем, според Дончев, е што и покрај истрагата на обвинителството се уште не се знае кое име и презиме стои зад панамските фирми, кои се споменуваат во целата шема купо продажни договори на фирмите „мајка“ и „ќерки“ на овој концесионер.

За 20-годишниот концесиски договор фирмата од државата треба да добие околу 200 милиони евра, а до декември 2018 година нејзе од страна на Фондот и се исплатени 42 милиони евра.

Новинарот Бранко Героски пред некој ден објави текст во врска со сето ова во кој навести нова афера, што веќе ја именуваше како случај „Рекет 2“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.