Нови аудио и видеобомби со поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев, кој во едно од видеата е фатен како зема купче пари. Во останатите аудиоразговори објавени денеска на „Јутјуб“ се слушаат разговори поврзани со рекетирање за фирмата „Дијамед“.
Сите видеа заедно откриваат дека Ден Дончев не само што зема пари, туку и потврдува дека е во целосна координација со тогашниот премиер Зоран Заев.
Од првото аудио се слуша како доскорешиот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, се фали дека е во постојана комуникација со директорот на финансиското разузнавање Блажо Трендафилов, за кого самиот Дончев тврди дека му бил близок пријател на Зоран Заев и затоа го поставил на таа позиција.
Во разговорите може да се слушне и како Дончев го координира случајот „Рекет 2“, односно да влезат во компанијата „Дијамед“ која пак обвини за рекетирање од власта.
За потсетување Вера Иванова, бизнисменката која го продаде „Дијамед“ на шведска фирма со се 20-годишна лиценца за дијализа, пред неколку месеци поднесе кривична пријава против министерот за здравство Венко Филипче и против директорот на Фондот за здравство Ден Дончев. Адвокатот на Иванова тврди дека ја оневозможувале продажбата на странски инвеститор со што предизвикале штета и на бизнисменката и на државата.
На крајот на минатата година словенечката телевизија „Нова 24“ објави дека Зоран Милески Кичеец ѝ се јавил на Вера Иванова, жртвата во аферата „Рекет 2“ за да ја уценува, дека ако не се предомисли за продажбата на нејзината фирма „Дијамед“ ќе следела истрага против неа.
Само ден подоцна, на 26 октомври, обвинителката Вилма Рускоска најавила дека нејзиното обвинителство ја истражува работата на фирмата „Диамед“. Две недели подоцна следува поголем шок. Обвинителството ги замрзнува средствата на сопственичката на ’Диамед’, околу 11 милиони евра, стекнати од продажбата на фирмата на шведскиот стратешки партнер, се наведува во текстот објавен на телевизијата „Нова24“.
Во третата од аудиобомбите објавени денеска Дончев е нервозен бидејќи во играта се вмешува и адвокатот на Зоран Заев, Филип Медарски.
Го имаат фатено Медарски од другата страна, со цел да имаат влијание кај премиерот. Шефот се согласи да им пуштиме полиција внатре, влегоа и Медарски замоли да се најде заеднички јазик и јас се согласив на тоа, вели Ден Дончев, и додава дека „ако им направиме проблем ние тука може да има проблем при продажбата на компанијата“.
Интересно е што бомбите откриваат дека Ден Дончев посочува дека поранешниот министер и вицепремиер Никола Тодоров го имаат договорено за сведок во случајот „Диамед“.
Инаку Ден Дончев си поднесе оставка пред неполн месец, а според тврдењето на Заев тоа било сторено поради наводни здравствени причини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.