Демократскиот форум, тргнувајќи од начелото дека добросостојбата на граѓаните е врвен приоритет за секое општество смета дека избори во Македонија пред официјалниот крај на коронавирусот не се возможни.

Во Македонија има околу 3.000 избирачки места. Во секое избирачко место има 10 члена изборна комисија составена од вработени во државната администрација. Тоа се 30.000 луѓе кои мораат да учествуваат во изборниот процес. Ако има 15 изборни листи, тоа значи и 15 во една смена, или 30 во две партиски контролори присутни на избирачкото место. Тоа се дополнителни 45.000 или 90.000 луѓе. На избирачките места се присутни и набљудувачи од ОБСЕ, Цивил, Мост и други невладини организации. И тие се не помалку од 10.000. Тоа ќе каже дека во една училница од 50 метри квадратни ќе бидат присутни по најмалку 25-30 луѓе во исто време, без избирачите, се вели во реакцијата на Демократскиот форум.

Избирачите, се вели во реакцијата, меѓу нив 300.000 пензионери, се најзагрозената категорија граѓани од короната.

Ќе влегуваат со маски, а ќе треба да се идентификуваат, ќе треба со истото пенкало да го заокружуваат нивниот избор. Во просек има 800 до 900 избирачи, од кои 500 до 600 излегуваат на гласање во едно избирачко место. Во едно училиште има повеќе од 5-6 избирачки места, со ходници потесни од 2,5 метри во кои ќе треба да се разминуваат гласачите. Транспортот на изборниот материјал треба да се направи со возило во кое ќе бидат присутни најмалку тројца членови на избирачкиот одбор. Вкупниот број на директни учесници во изборниот процес ќе изнесува преку 120.000. Избирачките одбори во саботите ќе треба да ги посетат и затворите и болните лица. Пазете, болните лица во време во кое короната сеуште беснее, луѓе се заразуваат и умираат, се вели во реакцијата.

Демократски форум, вели дека во целост ја разбира потребата од избори и воспоставување на политичка власт со полн легитимитет, свесни дека уставотворецот прецизно не предвидел ваква ситуација, што пак ја става земјата во дополнително комплицирана ситуација.

Убедени сме дека постои можност да се изнајде законска можност за продолжување на функционирањето на техничката Влада се до стабилизирање на ситуацијата со корона вирусот и надминување на опасноста од негово ширење и доведување во опасност на граѓаните кои би излегле на гласање. Организирањето на избори при се уште активна пандемија е крајно неодговорен чин, бидејќи граѓаните непотребно се изложуваат на опасност од зараза и ризикуваат вирусот да го пренесат и на блиските. Сметаме дека политичките фактори треба да ги надминат теснопартиските интереси и заеднички да се договорат околу тајмингот на изборите, односно да се договорат дека тие треба да се одржат веднаш штом пандемијата ќе биде завршена и опасноста од ширење на вирусот ќе биде сведена на нула. Секое друго решение или потег е чист егзибиционизам и коцкање со здравјето на граѓаните, кое треба да е врвен приоритет – порачува Демократски форум.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.