Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, амбасадорот Дејвид Гир оваа седмица отвори два нови центри Европска куќа – прво во Крива Паланка, а потоа и во Струмица.
Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава, на двете отворања присуствуваа градоначалниците од двете општини, Борјанчо Мицевски и Коста Јаневски, претседателот Стево Пендаровски присуствуваше на отворањето на Европската куќа во Крива Паланка, додека, пак, премиерот Зоран Заев се приклучи на отворањето во Струмица.
– Првиот центар Европска куќа беше воспоставен од страна на Делегацијата на ЕУ во Скопје во ноември 2019 година, како последователна активност од приближно 30 дебати организирани со средношколците од 25 различни градови во последните години и во одговор на нивните барања. Првичната идеја беше дека Европска куќа во Скопје треба да го замени ЕУ Инфо Центар како простор каде што младите луѓе може да се сретнат, да разговараат, учат, организираат настани, гледаат филмови, учествуваат во културни активности и да се забавуваат, се наведува во соопштениеот на Делегацијата на ЕУ.
Оттаму посочуваат дека приближно една година по отворањето на Европската куќа во Скопје, Делегацијата на ЕУ ги прошири просторите за новата генерација со, сега засега, два сосема нови центри, во Крива Паланка и во Струмица, што ќе им служат на младите луѓе од овие региони.
– Воодушевен сум што отвораме нови, локални простори наменети за младите луѓе, каде тие можат да се состануваат, да споделуваат идеи и да придонесат за Европската перспектива на земјата, изјави евроамбасадорот Гир.
Отворањето на центрите Европска куќа ги поздрави европската комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Габриел, која ја изрази својата увереност дека младите луѓе се најголемиот ресурс на Македонија.
– Горда сум на сè што постигнавте во оваа област. Од личните контакти меѓу луѓето во областа на културата и образованието, до вашето учество во Еразмус+ – програма што стана синоним за Европа. Од вашите изрази на солидарности преку Европскиот солидарен корпус, до вашите придонеси кон поинвентивна Европа, преку нашата програма Хоризонт 2020. Двата Europe House центри ќе служат како зборно место за поттикнување дебати, инспирирање соработка и мрежно поврзување меѓу младите иноватори, претприемачи, креативци, едновремено промовирајќи ги вредностите на ЕУ, изјави еврокомесарката Габриел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.