Професорот по уставно право од Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, за Плусинфо ја објасни постапката која Заев и неговииот наследник ќе треба да ја поминат во наредниот период. Сепак, тој посочи дека во предвид би можеле да се земат и други сценарија.

– Процедурата е слична како после секои парламентарни избори. Кандидатот на СДСМ за премиер ќе треба да го информира претседателот на државата дека може да го обезбеди собраниското мнозинство, кое ќе ги изгласа неговите предлози за составот на новата влада. Претседателот тогаш ќе го додели мандатот, па започнува законски определениот период за меѓупартиски преговори. Но, во оваа ситуација може да се случи мандат да добие и претставник на друга партија, доколку се појави ново парламентарно мнозинство. Затоа не треба да се исклучи ниту можноста новата влада да биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ – изјави Давитковски.

Законската процедура го обврзува премиерот најнапред оставката да биде понудена до претседателот на Собранието, кој треба да свика седница на која ќе се расправа по оставката.

– Премиерот и сите актуелни министри остануваа да ја обавуваат функцијата сè додека не се избере новиот состав на владата. Во текот на целиот процес Заев ќе остане на функцијата и ќе ги обавува своите задачи – додава Давитковски.

Професорот вели и дека ова парламентарно мнозинство може да избира влада сè додека има мандат за тоа, но доколку ниту еден мандатар не може да формира мнозинство во Собранието тогаш опција се и предвремени избори.

– Собранието во тој случај најнапред ќе треба да се самораспушти, а потоа и да ги закаже новите парламентарни избори – дециден е Давитковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.