За да се намали метежот кој се создава во ходниците на избирачките места, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, со допис ги известил сите избирачки одбори дека наместо едно лице, како досега, во просторијата на гласање може да пуштаат по онолку лица колку што има кутии. Тој вели дека денес направи увид на неколку гласачки места во Скопје и утврдил дека има сериозен проблем со метежот.
Ова се наметнува како проблем иако не е проблем, да се пуштат повеќе гласачи колку што има гласачки кутии во избирачкото место за процесот на гласање да оди брзо. Мислам дека веќе е испратен допис од кај нас до сите. Сметам дека вака ќе оди побрзо бидејќи тоа е ковид – мерката, да не се прави метеж. Всушност метежот се прави во ходниците, можеби и некој друг видел дека се создава таков метеж, Тоа е поради ковид – мерките. Се надевам дека со овој наш допис, како тече денот на гласање, ќе се намали овој проблем и гласањето ќе тече регуларно. Ги охрабрувам граѓаните да излезат и го дадат својот глас – рече Даштевски.
Тој извести дека веќе гласал и уредот за една секунда му го препознал отпечатокот, а проблеми со уредите на неколкуте места во Скопје кои ги посетил немало.
Проблем бил само големиот метеж, но Даштевски уверува дека сите кои дошле на гласање ќе можат да си го остварат правото на глас, а оние кои ќе се најдат во ходниците во периодот кога гласачките места треба да бидат затворени уверува без проблем ќе може да гласаат и по 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.