Ќе ни треба веројатно многу време за да сфатиме дека Бугарите се тука, дека нема никаде да избегаат, но, оние што секој ден умираат од Ковид и оние што допрва ќе умрат поради тоа што не можат да дојдат до лекар затоа што првите умираат од Ковид, е тие, тие ќе ни избегаат. И нема да може да ги вратиме. Од првите досега имаме околу 6 000 лица, од вторите – околу 5 000 повеќе отколку што е вообичаената умирачка во оваа земја на суви пиперки.
За Бугарија и нејзината улога во времето на сојузништвото со Хитлер, за Заев и коската што ни ја фрли, но и за жртвите од ковидот пишува Дарко Јаневски во колумна за Денешен. Ви пренесуваме дел од колумната на Јаневски.
Еве веќе неколку дена се отепавме од докажување дека Бугарите во Втората светска војна биле фашисти. Што, изгледа, ни ја полни душата. А, и таа на Заев.
Зашто тој ни ја фрли коската. И откако ја загризавме како бесни кучиња, Заев се јави како спасител: не било спорно дека Бугарија била нацистичка, ама да не сме го обележувале целиот народ! Како да напишеш дека Бугарија и од нејзе изведените придавки биле нацистички, а во исто време и да не напишеш, не е сосема јасно, но битно е дека „финтата“ на Заев успеа. Ни го стави морковот пред нос како на магаренца и на крај дури не не почасти со истиот морков, туку не погали по „мудрите“ главчиња и не смири. И пак испадна како оние од избор на мис на ова или она, кои се за мир низ светот!
А, всушност, по сериозната хаварија со Филипче, Заев тргна во акција за спасување на мотор-другарчето. Па, откако не му успеа јадицата со т.н. нон пејпер, на која се фатија само пар кленови, акцијата „Сите во одбрана и заштита“ на ликот и делото на Филипче продолжи со префрлање на вината врз раководителите на тетовската болница и врз Теута Арифи, односно општина Тетово. Кога Арифи возврати, Заев се врати на проверената стратегија – фрли им ја Бугарија на луѓето пред нозе и тие ќе се кренат и ќе заборават на се друго. Од комуњари, до загари и удбаши, патриоти и вмровци – сите ќе застанат во еден ред.
Така што, возбудата околу тетовскиот пожар и „понудената“ оставка на Филипче очигледно ни заврши. Траеше десетина дена, а какви сме, веројатно и тоа беше многу. Во меѓувреме, ние и натаму имаме по 20-тина мртви на ден од Ковид 19, уште толку од други болести поради тоа што здравствениот систем останува затворен, нормално за сето тоа е виновен народот, а Заев и Филипче и покрај се, можат мирно да ја накриват капата, свесни дека до 17 октомври кога е гласањето на изборите, и она бледо сеќавање од катастрофата што ни преостана, катастрофа која сериозно се закануваше да го збрише рејтингот на Владата и Филипче, ќе го снема.
Се разбира, ќе ни треба веројатно многу време за да сфатиме дека Бугарите се тука, дека нема никаде да избегаат, како и ние, а тука ќе остане и улогата на Бугарија во времето на сојузништвото со Хитлер. Но, веројатно ќе ни треба уште подолго време да сфатиме и дека со ова последново, Заев успеа и во нешто друго – да го премести тежиштето на расправата во периодот 1941-1945. Илинденскиот период и Гоце Делчев, ако сте забележале, очигледно веќе се решени. Јасно ви е белким во чија полза, а на чија штета.
Но, оние што секој ден умираат од Ковид и оние што допрва ќе умрат поради тоа што не можат да дојдат до лекар затоа што првите умираат од Ковид, е тие, тие ќе ни избегаат. И нема да може да ги вратиме. Од првите досега имаме околу 6 000 лица, од вторите – околу 5 000 повеќе отколку што е вообичаената умирачка во оваа земја на суви пиперки.
Но, што е тоа битно наспроти величествената мисија што ја имаме, а која се состои во тоа да докажеме дека Бугарите се фашисти кои ја окупирале Македонија во 1941 година, наспроти фините Грци кои во 1912 година ја ослободиле Македонија. За што, како што гледам, немаме никаков приговор. Како и она дете Црногорче од вицот, кое проговорило дури на четири-петгодишна возраст, а кое, кога го прашале зошто молчело досега, едноставно рекло дека претходно немало никаков приговор.
Се разбира, ние не биле тоа што сме, ако во меѓувреме не ни се случува и друг колапс, за што сите се прават на удрени, веројатно возвишени од уште една друга апостолска мисија – да ги образуваат децата, за да не ни останеле неписмени. Во крајна линија, каква смисла ќе има ако докажеме дека Гоце бил Бугарин (откако, онака научно, докажавме дека Александар бил Грк), а Бугарите фашисти, ако тоа нема кому да му го предадеме? Зашто, сега му е мајката – кога министер е презерватив принцезата Мила Царовска, светски признаен едукатор на деца од пет до 18 годишна возраст. Затоа – кога, ако не сега?
Инаку, Царовска е истиот егземплар кој тврдеше дека нема трансмисија на корона вирусот во училиштата правејќи не сите слепи и глупави. Што веројатно и заслуживме. Сега, кога Филипче вели дека ќе правел скрининг во некои училишта со брзи тестови, зашто трансмисија имало, повторно сите се прават на удрени. По малку! Можеби затоа што Филипче вели дека трансмисијата има, ама била многу мала, што отприлика му доаѓа како она дека „магарето лета, ама многу ниско“. Како тој знае дека трансмисијата е мала или голема, останува светска мистерија, но при живи и здрави Бугари, кој сега ќе му ја мисли за тоа дали децата се заразувале многу или малку. Впрочем, ако ни притреба, ќе си направиме нови деца, нели?
Како и да е, Филипче со најавата за тестирање на децата (внимавајте, не на сите, и тоа најмалку два пати неделно, туку само еден скрининг), создаде своевиден хаос:
Прво – индиректно ја обвини презерватив принцезата дека лаже;
Второ – тврди дека трансмисијата на вирусот меѓу децата е мала;
Трето – ќе прави тестирање на децата зашто не знае дали трансмисијата е мала или голема.
Така што, оди најди му крајот. Но, битно е дека новата стратегија на „принцезата“ и „слушај го Венко“, стратегија која вели дека „магарето лета, ама не се секирајте, летањето му е ниско“, поминува. А допрва доаѓаат октомври и ноември кога летањето ќе стане уште повисоко, но, тогаш, кога ќе биде доцна, веројатно повторно ќе бидат виновни самите заразени. Впрочем, што па морало да раѓате деца, ако не можете да ги пратите во „елитните“ приватни училишта во кои учат и децата на нашите „просветители“.
Тоа што досега имаме околу илјада заразени деца, од кои 80 отсто се во училиштата, иако ИЈЗ, од каде првично за најмалку два медиуми протекоа овие информации, бројот официјално го сведе на околу 200-тини деца, не треба да не загрижува. Ние да сме ти имале 263 000 училишни деца, па што има сега да му ја мислиме за некоја илјадарка, посебно што средношколците, ете и тоа го чувме, онака со леснотија кажано, во голема мерка веќе го поминале вирусот, па за она малку што останало, не треба да се секираме.
Е, сега, друга е работата што таа илјадарка треба да ја помножиме со најмалку 4 или 5 други деца и ќе добиеме безмалку цела армија на млади кои го имаат вирусот. И тука доаѓаме до главниот проблем: никој жив на оваа планета, не во Македонија, туку на планетата, ниту еден експерт, ниту еден научник, одберете кого сакате, не може да знае дали и какви долгорочни последици вирусот може да остави кај децата, односно какви последици можат да се јават по година-две, па и повеќе. Никој, ама баш никој!
Целата колумна ТУКА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.