Проф. д-р Драган Даниловски ги анализира бројките соопштени во последниот извештај Институтот за јавно здравје, според кои има вкупно 870 случаи на лица кои се заразиле со корона вирусот, отако веќе еднаш прележале Ковид-19, што е 0,4 отсто од вкупниот број на досега заразени лица (212.375).

Што значи бројката од 870 граѓани заразени по втор пат? Тоа значи дека вакцините не штитат стопроцентно од заразување. Со тек на време, нивото на заштита од зараза опаѓа. Сепак, нивото на заштита од хоспитализација и смрт се одржува релативно високо, на ниво од околу 80 проценти. За разлика од вакцините, кај оние што прележале и развиле антитела (затоа што има и такви кои не развиваат), заштитата од заразување трае подолго, од 6 до 12 месеци. – вели Даниловски.

Според д-р Даниловски, „бустер“ доза (трета доза) треба да се прими во оптимален момент и по „бустерот“  организмот веќе ќе поседува солидна одбрана, со која ќе може супериорно да се бори со вирусот.

Се разбира, за позрасните и оние со хронични болести може да биде ризично да се заразат со вирусот. Побезбедно би им било периодично (сезонско) примање вакцина – апсолутно аналогно како кај сезонскиот грип – вели Даниловски.

Согласно извештајот на ИЈЗ,во последната недела, од Ковид-19 заболеле 2.929 лица. Најмногу новозаразени има во Скопје.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години (23,3 отсто). Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од 0-9 години (3,6 отсто).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.