Генерално, балканските земји ја добија оваа битка со Ковид-19, а одредени прогнози покажуват дека епидемискиот бран би требало да заврши до крајот на месец мај или во почетокот на јуни, вели во интервју за Агенција Анадолија (АА) проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог и раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика на Медицинскиот факултет при УКИМ.
Проф. д-р Даниловски смета дека земјите од регионот досега добро се справуваат со коронавирусот, иако сите балкански земји се неспоредливо посиромашни од другите европски земји. Меѓу претходно наведените причини за ваквата состојба, тој смета дека и мерките во целиот регион беа порестриктивни и поблаговремено спроведени.
Исто така додава и дека ефектите ќе беа подобри ако паралелно со рестриктивните мерки се спроведуваше и рано, што помасовно тестирање на популацијата (пред сè, ризичните групи), со помош на брзи серолошки тестови, заради детектирање на скриени кластери на инфекции, со цел тие што порано да се изолираат.
Според проф. д-р Даниловски, веќе се создадени услови за делумно релаксирање на рестриктивните мерки, затоа што, како што вели тој, „базичниот репродуктивен број на вирусот некаде од 15 април е на ниво под 1,0. Но, тоа никако не значи дека смееме да се опуштиме“.
Многу лесно може да дојде до повторно враќање на проблемот. Сè додека не се достигне прагот на колективниот имунитет од 60 % или не стане достапна вакцина против КОВИД-19, ќе мораме да се навикнеме на „ново-нормално“ (new normal) живеење, дури и кога ќе биде повлечен полицискиот час. Тоа ќе биде живеење со вирусот покрај нас, со придржување кон нови правила на однесување, кои ќе бидат во функција на редуцирање на шансите за пренос на вирусот, вели Даниловски.
Тој укажува дека полицискиот час наскоро би требало да се укине.
Значи, полицискиот час, ако не се случи нешто непредвидено, би требало наскоро да се укине, рестораните и кафулињата да се отворат, но да работат под посебен режим на одржување дистанца помеѓу гостите, ќе проработат и сите јавни места и сервиси, ќе се отворат делумно границите, а од септември и училиштата и факултетите. Сето тоа со една постојано нужна, задолжителна мерка – носење маски или марами преку носот и устата! Ако таа мерка не се почитува, тогаш сè што е постигнато, многу брзо ќе се поништи, смета епидемиологот.
Целото интервју прочитајте го на АА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.