Шведска е една од најбогатите земји во светот и Шведска може да си дозволи релаксиран модел на справување со епидемијата, вели во интервјуто за МИА проф. д-р Драган Даниловски, зборувајќи за различниот пристап кон справувањето со болеста.

Епидемиологот додава дека капацитетот на шветскиот здравствен систем е огромен и можат да апсорбираат огромен број болни во единиците за интензивна нега, за разлика од нас, на пример. Појаснува дека и други земји се обидоа со шведскиот модел, како Обединетото Кралство или Холандија, меѓутоа, толку брзо почнаа да им се полнат болниците, што многу брзо се преориентираа кон рестриктивниот модел, каков што целиот свет применува.

Швеѓаните имаат уште една специфика. Тие се Швеѓани. Имаат посебен ментален склоп, различен од нашиот. Тоа подразбира дека е доволно државата да препорача мерки (не да нареди), за тие сите (нека се и 90%, не сите) да ги почитуваат. Во Шведска власта гради партнерство и се договара со граѓаните, не ги тера со сила! Меѓутоа, тој нивни лабав модел доживува критики од нивни епидемиолошки кругови и во светот, најмногу заради тоа што практично свесно се жртвуваат животите на дел од граѓаните. Шведска самата јавно призна дека паднале на испитот на заштитата на животите на старите сограѓани, особено во старечките домови. Впрочем, смртноста во Шведска е највисока во споредба со другите нордиски земји, вели Даниловски.

На прашањето како Македонија да дојде до колективен имунитет, одговара – со трпение.

Со трпение, зашто сме сиромашна земја, со ограничени ресурси во здравствениот систем. Со трпение, зашто ќе треба многу самодисциплина кај народот и мудрост и умеење кај власта, за да се изнајде права мера во одржувањето и релаксирањето на рестриктивните мерки. За што индикатор ќе биде движењето на бројот на нови случаи… кој неизбежно ќе почне да расте, штом ќе почне релаксирањето на мерките. Постепено, на еден контролиран начин, ќе расте колективниот имунитет. Според една неоданешна студија, се покажува дека заштитното ниво на колективниот имунитет не е 60%, туку околу 40%. Што со малку среќа и многу трпение не е недостижна цел, вели Даниловски.

Потенцира дека јасно е дека не смееме да си дозволиме повторно драконски мерки, затоа што ќе колабира стопанството.

Па ќе нè погоди друг вид епидемија – на сиромаштија и глад. Мерките за решавање на еден проблем никогаш не смеат да предизвикаат повеќе штета од самиот проблем против којшто се преземени! Затоа, во периодот пред нас, од исклучителна важност е индивидуалната свесност и одговорност за неопходноста од придржување кон елементарните мерки на лична заштита – маска, дистанца и миење раце. Само од нас самите зависи како ќе се одвиваат работите понатаму.

Ако текот биде неповолен, државата има право (и обврска) пак да посегне по рестриктивни мерки. Бидејќи нејзина примарна обврска е грижата и заштитата на колективното (јавното) здравје, по секоја цена… кое има предност пред индивидуалното. Така е во сите современи човечки заедници, порача поранешниот министер за здравство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.