Иако власта во Македонија негира, повеќе од јасно е дека тајните преговори со Бугарија не се вртат околу Португалскиот предлог, туку околу Бугарската декларација.

Тоа го потврдија и извори на ВМРО-ДПМНЕ од Бугарија и Брисел.

Во четвртокот и петокот заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања го одржа 14-тиот состанок, трет од предвидените пет за оваа година.

За членовите на македонскиот дел од комисијата Бугарската декларација е апсолутно неприфатлива. По состанокот сопретседателот на комисијата Драги Ѓоргиев рече дека за македонските историчари неприфатливо е политиката да ги решава историските спорови.

Апсолутно би било небулозно политичари било во Бугарија било овде, да донесат одредена одлука за Гоце Делчев, за цар Самоил, за кој било настан од историјата. Тоа ќе биде преседан кој уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата, смета историчарот Ѓорѓиев.

Тој нагласи дека ако двете држави сметаат дека комисијата треба да постигне резултати, нејзината работа и самата комисија треба да се тргнат од преговорите за членство на Македонија во ЕУ, што е едно од барањата во наведени во Декларацијата.

Тоа е билатерален спор меѓу Бугарија и Македонија, историографски спор и тоа треба да биде оставено настрана од преговорите. Само на тој начин ќе се постигне некаков резултат. Се додека таа спојка меѓу политичките барања  да се врзуваат со некои историски отстапки или прилагодувања нема да дојде до резултат, рече Ѓоргиев.

Двете страни и овојпат останале на своите стојалишта, информира Ѓоргиев, а главна причина што нема резултат, е различната перспектива на средновековието, како и големите разлики во пристапот на надминување на споровите.

Дебатата е за средниот век, односно за претставувањето на државата на Цар Самуил во македонските учебници. Досега постигнавме договор за заедничкото чествување на царот, но втор сегмент е работата на учебниците. Не можеме да прифатиме да се претстави таа држава како единствен и директен наследник на бугарското царство – потенцира Ѓоргиев.

Бугарската декларација е обемен документ прифатен од Бугарското собрание.

Јавноста во Македонија која со месеци бара одговор од власта кој и за што преговара со Бугарија, заслужува да знае дали Зоран Заев и овојпат ќе работи за туѓи бели дворови или ќе ги прифати позициите на македонските историчари? Дали Бугарите и понатаму ќе останат наши пријатели или пак децата ќе учат дека нивните прадедовци загинале од бугарскиот фашистички окупатор? 

Опозицијата започна протести против тајниот договор на Заев и неговиот специјален претставник за Бугарија, Владо Бучковски. Од преговарачите се бара во Собранието да реферираат за што преговараат со Бугарија.

Ги повикуваме институциите, особено Заев, Димитров и Османи да се појават пред Собранието како дом каде што се наоѓаат народните избраници и таму на граѓаните преку пратениците и на јавноста да ѝ објаснат за кои дополнителни анекси се разговара по однос на Договорот со Бугарија и зошто јавноста беше излажана во 2017 година дека Договорот со Бугарија ги решил сите македонско-бугарски спорови и го отвара патот за ЕУ. Гледаме дека тоа не е вистина и сметаме дека таа вистина Заев, Димитров и Бујар Османи им ја должат на граѓаните, на Собранието и на јавноста, порача Милошоски пред Министерството за надворешни работи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.