Во Кривичниот суд во моментов е во тек рочиште за случајот „Монструм“, на кое како сведок треба да се појави Зоран Заев. На барање на родителите на убиените момчиња во април 2012 година кај Смилковско Езеро, прво беше пуштена снимка од пратеничките прашања до експремиерот Зоран Заев, каде тој одговара за случајот „Монструм“.
Вие премиере Заев како опозиционер пред еден од родителите на убиените деца изјавивте дека имате прислушувани разговори кои ќе го расветлат случајот. Дали се тоа вистински докази, или е разговор за субвенции што требало да ги добие еден од обвинетите?, прашува на снимката од 2017 година пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тогашниот премиер Заев, од собраниската говорница, вели:
Ако Заев имаше конкретни докази, тие докази, бомби, ќе беа пуштени до крај . Во доказите има сериозни индиции и затоа се доставени до обвинителството. Еден од родителите слушна разговори на обвинетиот Фејзи Азири како разговара со градоначалникот Невзет Бејта и го моли за субвенции. Ги виде и тие телефони кои наводбо биле скриени. Не смеев да ги објавам јавно, но имаше право да ги види родителот. Сите докази се доставени до СЈО, а има и дополнителни докази кои треба да се истражат.
Пратеникот му замери дека тогаш манипулирал кога изјавувал дека има докази за масакрот на Велиден.
Родителите на жртвите досега неколкупати апелираа до судијата Огнен Ставрев Заев да се најде на листата сведоци, за конечно да се соочат со него и со неговите лаги.
„Заев е поголем монструм од убијците, и Катица е во пазар“: Што мислат родителите на убиените момчиња кај Смилковско Езеро
Таткото на Александар, Горан Наќевски, летото побара од Ставрев стражарно да го приведе тогашниот премиер, затоа што како политички противник на ДУИ им изнел конкретни докази за вмешаност на функционери од ДУИ во свирепото убиство. Таткото, го обвини Заев дека откако е склучена коалицијата со ДУИ тој манипулира со доказите кои што можат да доведат до вистината за „Монструм“.
Кога бевме кај Заев рече дека ќе ни даде 6 разговори државна тајна за 6 функционери на ДУИ. Но, подоцна тие станаа 5. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги покажа транскриптите, ни го посочи Невзат Бејта и ни покажа транскрипт од разговор меѓу Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие 5 државни тајни, рече Наќевски.
Тој продолжи, во име на сите родители:
Бараме претрес да се изврши во седиштето на СДСМ. Тврдам дека тие транскрипти се таму. Бараме да не соочите со премиерот Заев, дека не лажеме и не измислуваме. Стражарно приведете го, ќе го почекаме!
Во едно од ретките интервјуа, Наќевски за „Алфа“ вели и дека токму поради овој политички пазар, Заев е поголем монструм и од убијците.
2015 друго ни ветуваше, сега друго прави. Револтирани сме и од Катица Јанева ни ветуваше дека прв случај ќе биде, ама молк и од таму како што гледате. Мислиме дека и таа е политички пазарена со СДСМ и ДУИ, рече Наќевски во октомври 2017.
Покрај Заев, ма барање на обвинителот Гаврил Бубевски, исто така, повикани се да сведочат и „свиркачот“ кој ја откри аферата со прислушувањето Звонко Костовски, Зоран Трајковски, Зоран Велковски и Љупчо Тодоровски-Радникот.
Заев и Костовски се повикани поради начинот на кој ги добиле прислушуваните разговори во врска со петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Трајковски ќе сведочи како лице кое би можело да знае нешто во врска со убиството, по телефонските разговори што беа слушнати во судницата, а на кои тој зборува, додека Велковски е повикан бидејќи го пријавил настанот.
Случајот „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. Кон крајот на минатата година предметот повторно го презема Основното јавно обвинителство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.