Утревечер и дефинитивно ќе се знае дали Алтернатива ќе влезе во Владата откако ќе заседава Централниот совет на партијата, потврдуваат од Алтернатива за ТВ 24. Од таму не знаат да кажат дали после партискиот состанок веднаш ќе следува и средба меѓи лидерот Африм Гаши и претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Извори од владејачката партија велат дека најдоцна до понеделник, уште една средба меѓу двајцата лидери сигурно ќе има.

Откако по трите средби и од двете партии излегоа со соопштение дека на средбите се разговарало само за програмските определби и за тоа како власта ќе се справи со енергетската и здравствената криза, сега велат партиски извори, и официјално ќе почнат преговорите за поделба на функциите. Сè ќе зависи дали Заев ќе го жртвува актуелниот министер за здравство Венко Филипче а на негово место да седне фаворитот на Алтернатива, генералниот секретар на партијата, Беким Сали. Ако се случи тоа, тогаш, велат неофицијално, алтернативците можно е да попуштат за министерствата за транспорт и врски, за труд и социјала како и за министерството за земјоделство или министерствата за образование и она за култура. Сепак, партијата на Африм Гаши не отстапува од намерата да земе две министерски, три заменички-министерски места и стотна други вработувања во пониските ешалони од власта.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.