Премиерот Зоран Заев, претседателот на парламентот Талат Џафери и лидерот на владејачката ДУИ Али Ахмети ќе се сретнат утре за да разговараат за опциите за деблокада на законодавниот дом. Ова го најави Заев денеска од Велес и изрази надеж дека блокадата на парламентот е од времен карактер, затоа што има пратеници што се позитивни на коронавирусот, а по чие враќање на работа очекува Собранието да се стави во функција и да бидат донесени поголем број од точките на дневен ред и поважните закони.
Една година откако во земјава првпат беше прогласена вонредна состојба, поради епидемијата на ковид-19, Заев повторно ја отвори таа можност. Според него, можни се сите опции за деблокада на парламентот, од средби на координатори на пратенички групи, па сѐ до лидерска средба и вонредна состојба, како што нагласи, „за да се ослободат институциите да носат одлуки што се од животно значење за нашиот народ“.
„Утре ќе ја направам консултацијата, дали во Собранието, дали во Клуб на пратеници. Сакаме да најдеме решение. Опозицијата кажа причини за блокирање. За албанската опозиција тоа е Законот за државјанство. Сите сме за Закон за државјанство, и македонската опозиција и македонската владејачка партија и албанските владејачки партии. Но треба да го најдеме начинот според европски стандарди и принципи и механизми. Да ги најдеме доказите како да им дадеме државјанство на тие наши граѓани“, рече Заев.
Според информации на „360 степени“, во владејачки кругови се разгледувала можноста за повторно прогласување вонредна состојба, со цел да ѝ се овозможи на Владата да носи уредби со законска сила во ситуација кога е закочена работата на парламентот.
Сепак, проценките се дека таа опција, што како можна ја најави и Заев, е мошне тешко изводлива во овој момент. Особено ако се има предвид дека за донесување одлука за вонредна состојба ќе треба да се обезбедат најмалку 80 гласа во сегашната констелација на односи во Собранието, каде што со денови не може да се обезбеди ниту апсолутно мнозинство од 61 пратеник за да има кворум за одлучување. Другата варијанта – вонредна состојба да прогласи претседателот Стево Пендаровски, исто така, се чини мошне комплицирана, со оглед на тоа што, формално, сега не постои ситуација како лани ова време, кога парламентот беше распуштен и не можеше да се состане.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.