Почитувани Академици,

Поттикнати од горливата тема која се дебатира во овој момент во заедничката меѓувладина комисија согласно Договорот со Бугарија за делото и потеклото на социјалистот Гоце Делчев, а соочени со нашето познавање на историјата стекнато токму од вашите учебници и научни трудови наспроти ставовите на членовите на комисијата за ревидирање на македонската историја – Ви се обраќаме со ова отворено писмо да ни дадете насоки во однос на ова прашање односно, каков политички став да заземе Левица како политичка партија, а притоа да не ги дезинформира граѓаните на Македонија.

Еден од основните столбови на нашата партија е на нашите поддржувачи и симпатизери, а
и на целокупната јавност да им ја соопштуваме само вистината, независно колку таа била
болна. Јасно е дека никој не спори дека големиот револуционер Гоце Делчев бил воден од
левичарски идеали, односно дека бил социјалист. Конкретно, проблемот е што учејќи од
вашите учебници знаеме дека Делчев е македонски револуционер. Исто така,
опсервирајќи ги вашите научни кариери се гледа дека на голем дел од вас, животните
кариери се базирани на научни трудови на оваа проблематика и не само за овој
револуционер, а со тоа вие сте го заслужиле и статусот кој го имате во општеството и ги
оправдувате финансиските средства кои ги одвојува работниот народ на Република
Македонија за вашата установа.

Поаѓајќи од сите овие факти, а воедно и молкот кој го има од ваша страна по однос на
конкретното прашање, ние како партија се соочуваме со конкретен проблем, а тоа е да
излеземе со став за Гоце Делчев, а притоа да не ја дезинформираме јавноста. Затоа јавно
Ве замолуваме за одговор на едно прашање од кое ние ќе донесеме конкретен став кој
воедно ќе биде и вистината за ова болно прашање.

Прашањето е едноставно:
Дали учебниците и вашите научни кариери се лажни и неаргументирани, а со тоа
Делчев е бугарски револуционер, или се вистинити и поткрепени со научни факти со
што Делчев останува македонски револуционер, како што ние и го знаеме?

Несомневајќи се во Вашата експедитивност и соработка, однапред Ви благодариме на
одговорот.

Другарски поздрав,
Политичка партија Левица



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.