Политиката на политичарите, историјата на историчарите, беше пораката на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од еден од брифинзите со домашните новинари околу надминувањето на македонско-бугарските недоразбирања и кревањето на ветото за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Можеби ваквата порака во многу наликува на паролата на Коста Новаковиќ од пред повеќе од век и половина-Македонија на Македонците, земјата на селаните-но последниот развој на настаните покажа дека работите во пракса не одат баш така. Тоа го потврди копретседавачот од бугарска страна во мешовитата комисија за прашања од историјата и за учебниците, поранешниот амбасадор во Скопје, Ангел Димитров, во своја чисто политичка колумна за агенцијата БГНЕС во која пласираше низа тези, што ги навредија чувствата, дигнитетот и достоинството на македонските граѓани, пред се на Македонците.
Зашто, основно негово оправдување зошто Бугарија и ЕУ не смеат да дозволат почеток на преговорите на Македонија беше дека со тоа Унијата во своите редови ќе добие руско-српски тројански коњ!
И ако реакциите во земјава можат поинаку да се протолкуваат, тогаш оценката на бриселски „Политико“ дека „Бугарија е тројански коњ на Москва во ЕУ“ имаат сосема друга димензија и значење.
Ангел Димитров со колумната ги потроши сите и „научни“ и политички кредити. Иако неговото натамошно членство во Комисијата е внатрешно бугарско прашање, сепак на потег е нашиот министер за надворешни работи. Тој еднаш веќе и препорача на бугарската страна да направи проветрување, но сега за тоа има и конкретен повод.
Бујар Османи мора да побара отстранување на Ангел Димитров од натамошното членство и работата во Комисијата. Неговото затворање очи и натамошен молк нема да значи ништо друго, освен одобрување на таквиот став и метастазирање како меѓу останатите членови, така и во целото бугарско општество и држава, анализира Пресинг ТВ.
Извор: Пресинг ТВ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.