Овие денови гледаме активно сценарио и вложување на огромна енергија на забоштување и прикривање на доказите за криминал на власта. Вчудоневидени за страста за работа на Катица Јанева па макар и прекувремено гледаме писмо каде таа наредува случаите да се предадат на работа кај Рускоска обвинителството. Со други зборови да се чуваат на посигурно за да се задржат конците за политички притисок врз опозицијата. Значи од еден сеф на СДСМ во друг сеф на СДСМ. А пустите така мислат дека ќе не исплашат. Но и за ова се лажат – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на свечениот настан што го организира ВМРО-ДПМНЕ по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.
Според него сега се случува операција на власта во случај Катица подлабоко да падне во живата кал во која се влезени, да може Рускоска да продолжи. А за вистинските криминали се помалку се зборува. Но, вели, залудно.
-Па така еден од оние чии имиња најчесто се вртат за поврзаност со случајот Рекет ќе каже „аман веќе доста зборите, само рекет па рекет”. А не сакаат да се збори затоа што се стига полека, полека до главата на октподот. Во оваа операција е и онаа парада за одење пред обвинителство како демек Кики кажува дека не е Кики, а истото ќе го повтори и Фрики. Па овој Кирацовски ќе ни каже дека со Боки се видел еднаш, двапати, ама ете излезе некоја фотографија во медиумите како заедно пеат серенади на кејот на Вардар во еден ресторан, веројатно кроејќи некаква куфер политика. Некако премногу интимно и добро се знаат како за едно гледање – додаде Мицкоски.
Понатаму тој изјави дека претпоставува и некој светол ден од сега ќе излезе Рускоска ќе каже има криминал ама тука, додава, се вмешани двајца тројца без ниту еден од власта. Демек овие милиони се земани без знаење на главата на октоподот.
Тоа што цело СДСМ му е во одборите на Меѓународен сојуз за власта, а и за обвинителството е небитна работа. Ама што би рекол народот, тука лежи зајакот. Ова мириса, силно мириса и отвора сомнеж дека овој милионски криминал со меѓународниот сојуз е параван за финансирање на кампањата на СДСМ. Овие сомнежи треба да се испитаат, и да се види дали тоа што овој Сојуз е преполн со луѓе од раководството на СДСМ е поради фактот што куферите можеби завршувале на Бихаќка? Ако не сега, со ова климаво и диригирано обвинителство Ви ветувам дека вистината ќе се дознае. А што се однесува до судството и обвинителството алармирам да не подлегнуваат на притисоците на власта, зашто секое постапување кое не е според закон ќе биде разгледано и ревидирано. Не се ставајте да бидете слуги на оние кои во слободен пад сакаат да ве повлечат и вас. Работете според законите и ноесете правда – рече Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.