Во Собранието денеска ќе има уште еден обид да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален. На веб страницата на Собранието во 14.15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница.

Законите од петтиот пакет се очекуваше да бидат изгласани во четвртокот, координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески соопшти дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради ковид-19, и поради тоа владејачкото мнозинство нема кворум.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери инсистираше да се изгласа 21. точка од 32. седница, па потоа да се продолжи со 36-тата седница, а опозицијата бараше да се одложи гласањето доколку парламентарното мнозинство нема кворум и да се почне со 36-тата седница.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител” рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на 36. седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, но не и на 32. седница.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во Собранието и ќе учествува во работата на 36. седница. Доколку немаат пратеници, сите 44 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во пленарната сала. Нема да бидеме внатре на 32. седница. Работа на претседателот на Собранието е да констатира има или нема кворум за 32. седница. Доколку има кворум, работи по 32.седница и завршува со неа. Доколку нема кворум, не ја ни почнува или констатира и ја презакажува за некој нареден период – рече Мицевски.

Законите од петтиот пакет подолг период се заглавени во Собранието, а од овие закони зависи исплатата на платите за февруари и март, како и финансиската поддршка за економските оператори за излез од кризата предизвикана од пандемијата.

Што поскоро донесување на законите од петтиот пакет мерки бараат и бизнисмените и синдикатите.

Стопанската комора на Македонија во петокот побара пратениците да направат максимални напори и да ги донесат законите кои се во насока на поддршка на македонската економија.

Станува збор за законски решенија чие изгласување ќе овозможи поддршка за 20 000 компании и околу 130 000 вработени, како и 25 000 граѓани од ранливите категории и со тоа ќе се зголеми ликвидноста и потрошувачката, кои во овој момент се неопходни за одржување на субјектите во кондиција заради справување со кризата, потенцираше Комората во соопштението.

Вчера и Сојузот на синдикати на Македонија апелираше на разумност кај пратениците и поскоро носење на законите со кои треба да се исплати плата на работниците.

Сојузот на синдикатите на Македонија како единствен репрезентативен синдикат кој ги претставува интересите на 70 000 членови од јавниот и од приватниот сектор, бара и ги повикува пратеници од сите политички партии на разумност и свест дека е неопходно на закажаните зедници на Собранието за утре, да се изгласа петтиот пакет на мерки во кој покрај другото е предвидена и финансиска поддршка за исплата на платите на работниците од најпогодените сектори за месеците февруари и март 2021 година, а кој е блокиран веќе три месеци во Собранието, имајќи во предвид дека сега сме месец април, наведе ССМ во соопштението.

Премиерот Зоран Заев во петокот изјави дека пари во Буџетот има за реализација на петтиот пакет.

Финансиски сме целосно подготвени. Буџетот е стабилен и има добра наплата и во Управата за јавни приходи и во Царината – изјави Заев.

Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра. Мерките се распределени во четири столба – директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити, креирање на поволно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и поддршка за граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.