Патот од Кривичниот суд до Уставниот е поплочен со монтирани случаи, со маратонски судења, експресни пресуди, со лажните сведочења на криминалецот Нинџа, 211-те години затвор за патриотите, двајца осудени министри за внатрешни работи… Барем така изгледа патеката по која чекори судијката Добрила Кацарска.
Откако сите 12 членови на Судскиот совет едногласно го поддржаа предлогот таа да биде уставен судија, Собранието треба да ја именува на функцијата. Опозицијата вчера силно се спротивстави на предлогот Кацарска да влезе во Уставниот суд.
Со свирежи во салата и голем број пораки испишани на транспаренти како „Кацарска извршител на мафијата“, „Уставниот суд пресуди дека Кацарска суди противуставно“, „СТОП за трас-трас уставен судија“, „Кацарска значи неправда“, „Кацарска судтството + Рускокса обвинителството = Мафијата на Заев“, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на 20. собраниска седница, на инвентивен начин изразија револт против предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за уставен судија.
Како што истакнаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното именување е уште еден доказ дека продолжува мешањето на извршната во судската власт и дека премиерот Зоран Заев продолжува на дрзок и манипулативен начин да ги наградува послушните судии.
Партиска судијка со амбиција или со партиска задача?!
Во случај Собранието да ја изгласа Кацарска за уставен судија, Македонија ќе стане единствена земја на светот во која во уставен суд ќе влезе судиј(к)а која од истиот суд е „осудена” за кршење на основните слободи и права, односно судијка чии пресуди биле поништени и квалификувани како противуставни.
Кацарска ѝ е позната на јавноста по бројни предмети во кои суди политички опоненти на СДСМ на големи затворски казни, во кои предмети правните експерти забележуваат огромни пропусти, насилничко водење на постапките, дискриминација на обвинетите, судење во неразумно време (пребрзо и со предолги маратонски рочишта).
Кацарска ѝ е позната на јавноста и по учество во изборна и постизборна кампања во корист на СДСМ. Судијката јавно го нападна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека критикувајќи ја нејзината работа, ги штител криминалците.
Уставна должност на судијката Кацарска, чијашто амбиција води до Уставниот суд, е да биде објективен непристрасен судија кој ќе ги штити законите и Уставот на Република Македонија. Наместо тоа Добрила Кацарска стана папагал на рамото на Заев, кој до запирка ги повторува неговите зборови.
Како не треба: Одлуките на Кацарска во учебниците по право
За досието на Добрила Кацарска во Уставниот суд кој поништи нејзина одлука од судењето за 27 април научна студија напиша и престижниот Универзитет Колумбија од САД.
Кацарска е судија на која Уставниот суд и поништи одлука и која не ги знае Уставот и законите. Никаде во светот ваков човек не може да биде уставен судија, но кај нас овој преседан ќе стане реалност – истакна вчера пратеничката Дафина Стојановска од собраниската говорница.
Врвна научна и образовна институција на својот веб-сајт го објави случајот во кој Кацарска противуставно ги казни адвокатите во предметот за 27 април со високи парични казни, па иронично, токму Уставниот суд ја укина оваа одлука на судијката.
Двајца од казнетите адвокати, Павлина Зефиќ и Панче Тошковски, поднесоа претставка до Уставниот суд против решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд. Уставниот суд во септември годинава ги поништи решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд со кои парично беа казнети адвокатите во случајот за 27 април.
На адвокатите им е повредено уставното право на „слобода на мислата и на јавното изразување на мислата, рекоа од Уставниот суд, потенцирајќи дека слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право, кое е нераскинливо поврзано со човековата личност.
Секому е јасно како стигна Добрила Кацарска од судијка во Основниот суд до предлог за судија во Уставниот. Но, нејасно е како Кацарска и членовите на Судскиот совет, но и политичките фактори кои диригираат во позадина очекуваат тоа да се случи кога не постојат објективни услови.
Кацарска треба да го заземе местото на судијата Владимир Стојановски, чиј мандат во Уставниот суд истече, но предлогот на Судскиот совет треба да добие двотретинско мнозинство во Собранието, кое во моментов има проблем да обезбеди просто мнозинство поради тенката владина коалиција. Оттука јасно е дека шансите за Кацарска да биде избрана за уставен судија се речиси непостоечки.
Врз основа на ова биографија не можам да бидам убедена дека треба да гласам за кандидатката и еве зошто. Истакнат правник значи врв во професијата кога е во прашање уставен судија. Од биографијата гледаме дека целата активност на кандидатката е врзана за општинскиот суд. Круна на професијата значи да поминете апелација, да поминете Врховен суд меѓутоа овде од ова каде освен што работното искуство има неколку обуки и семинари и има забелешки за учество за изработка за закони, тврдења за познавање на Англиски јазик, Руски, а дури и windows е погрешно напишано, ми создава големи дилеми. Извинете ама овој предлог не е за уставен суд. Тоа не го мислам само заради ова сиромашно CV, туку заради она што се случуваше годините во судството, а богами и Кацарска не случајно стана синоним за таканаречено Кацарска судство и не би сакала сега да стане синоним за Кацарска уставно судство бидејќи на уставното судство му се потребни длабоки реформи, му требаат судии со интегритет, со долгогодишно искуство. Судии кои се синоним не само за право туку и за правда – рече на вчерашната расправа пратеничката Гордана Силјановска Давкова.
Заслугите на Добрила Кацарска
Сосема е јасна заслугата на Добрила Кацарска за да биде дел од Уставниот суд. Уставобранителите се во затвор, а криминалците се на слобода. Кацарска судеше и пресуди драконски казни за случајот „Тенк “, за „27 април “ потоа за процеси од СЈО а беше дел и од судскиот совет што го очисти Зоран Заев во предметот „Поткуп“ . Кацарска ја осуди Гордана Јанкуловска за мерцедесот во кој што се вози Заев, а го осуди и Митко Чавков значи двајца министри за внатрешни работи од претходната влада. Сега мандатот во уставен треба да и е награда за испорачаното за потребите на мафијата.
СДСМ и Кацарска нарачуваат текстови кај медиумите блиски до власта за нејзина одбрана
„ВМРО-ДПМНЕ стои зад насилството од 27 април“, „ВМРО-ДПМНЕ на страната на криминалот и насилството“ – два наслови на два навидум различни портали, а всушност еден ист текст кој потекнува од едно место – „Бихаќка“. Напорот да се прикаже опозицијата на ваков начин има една цел – да се откине името на Кацарска од нејзиниот налогодавач, СДСМ и Зоран Заев, што е невозможно имајќи предвид колку човечки судбини ѝ тежат на плеќите.
Инсистирањето за унапредување на Кацарска доаѓа токму во период кога зад кулисите на големо се најавува “зимска офанзива” за случаите отворени од екс-СЈО, односно отворање на нови случаи за припадници на ВМРО-ДПМНЕ со цел од една страна ем власта да демонстрира наводна борба против криминалот, а од друга страна јавноста да се занимава со опозицијата, наместо со работата на владата во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.