Дали стратегијата „Рефлексија 2030“ на министерот Бујар Османи ќе биде исто како на Зоран Заев „тешка геостратешка грешка“ ќе видеме веќе од понеделник по изборите во Бугарија и новиот пристап на Македонија во преговорите.

Османи признава дека имало грешка во преговорите со Бугарија. Потфрлија со Бугарија и ги уназадија позициите на Македонија. Потфрлија со Бугарија затоа што немаше стратегија, затоа што немаше црвени линии, затоа што нема национален консензус. Затоа што не се грижат за заштита на националните и државни интереси, затоа што се согласија на се само да ги заштитат сопствените фотељи и власта. Затоа премиерот Зоран Заев и министерот Бујар Османи се чини дека од понеделник се спремни да прифатат се.

Откако се склучија договорите со Бугарија и Грција власта предводена од Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи решија да презентираат стратегија за следните 10 години.

Во текот на вчерашниот ден министерот Бујар Османи ја презентира 10 годишната стратегија за надворешна политика која ќе се создава преку 3 столба: Широки граѓански консултации, тематски конференции и стратешки совет за надворешна политика.

Иако имаме многу работа и понатаму, можеме да констатираме дека нашите стратешки цели влегуваат во една врамена, предвидлива фаза која покажува издржливост на секојдневните предизвици и закани. Оттаму, мислам дека сега е вистинско време да направиме пресек на досегашната улога на надворешната политика и постигнатите резултати, на некој начин да подвлечеме црта, и да направиме еден вид проекција, или уште подобро РЕФЛЕКСИЈА за идните надворешно политички приоритети на земјата како полноправен партнер на евро-атлантската заедница и активен чинител на мултилатерален план, истакна Османи.

Откако Османи призна дека преговорите со Бугарија почнале со грешка односно би требало да се насочат кон позитивните и заеднички работи кои поврзуват а не негативните и оние кои разиденуваат, најави нов пристап во преговорите од понеделник по изборите во Бугарија.

Оптимист сум дека со новиот пристап на градење доверба преку секторска соработка и со завршувањето на изборниот процес во Бугарија ќе го вратиме амбиентот на рационална дебата, која очекувам да се случи од понеделник со цел сериозен ангажман на двете страни во надминување на разликите за да се добие можност во јунско-јулските самити на ЕУ да се донесе консензус по однос на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција на која го претстави новиот план на МНР Рефлексија 2030.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.