Се погласни се шпакулациите на јавноста дека Алтернатива на Африм Гаши може да влезе во коалицијата на СДСМ и ДУИ и така да го обeзбеди мнозинството на власта по излегувањето на БЕСА. По драмата која се случуваше минатата недела од која соодносот на пратеници во Собранието е 60:60, извори од СДСМ најавуваат дека мнозинството на власта е обезбедено со влезот на Алтернатива во Владата.

Ваквите информации особено се подгреаа откако лидерот на Алтернатива, Гаши ја прифати поканата за разговори со Зоран Заев. Засега, според извори во Алтернатива, постојат два табори и се чека одлука на органите на партијата за тоа дали ќе влезат во ново парламентарно мнозинство педводено од СДСМ или ќе останат во опозиција. Според изворите, едниот од таборите го потсетува лидерот Гаши дека Алтернатива својата политичка реторика со години наназад ја базираше на критика на владата и ДУИ како нејзин дел.

Со ваквата состојба се ставаат на тест зборот на Гаши и на Алтернатива. Гаши, во август минатата година по парламентарните избори, истакнуваше дека е важно Албанците да имаат здрава опозиција, а тоа би биле или тие како коалиција или ДУИ.

Тогаш Гаши порача дека Алтернатива не може да биде дел од иста влада со ДУИ.

Ние не сакаме да бидеме дел од Влада со каква било политичка партија. Кога ќе дојде на маса таа понуда, програмата и форматот, тогаш би имале јасен одговор. Нашиот дел е кажан, јасно сме кажале кои се нашите позиции. Коректно сме позиционирани и во однос на ДУИ и во однос на македонските политички партии, не сакаме никого ниту да фаворизираме, ниту да хендикепираме – истакна Гаши во август 2020 година во емисијата „Само вистина“ и дополни дека не може Алтернатива да се договори за влада без Алијанса за Албанците, со која заеднички настапија на парламентарните избори, а коалицијата ја продолжија потоа и на локалните избори оваа година.

Овој став на Алтернатива беше повторен и по официјализирањето на коалицијата на СДСМ и ДУИ.

Владата на СДСМ и ДУИ ќе биде нелегитимна за Албанците и нема да трае долго – порачаа тогаш од Алтернатива и Алијанса, откако лидерите на СДСМ и ДУИ се договорија за нова владејачка коалиција.

Според нив, ДУИ победила со полнење кутии, закани и уцени и ги измамила гласачите со тоа што веднаш се откажала од нивното главно предизборно ветување за премиер Албанец, поради што и добиле гласови. Коалицијата на двете партии тогаш најави жесток отпор против ДУИ.

Ќе се бориме да ја срушиме оваа нелегитимна влада на легален начин – истакаа лидерите на опозициските партии на Албанците во август 2020 година.

Гаши дури беше и погруб при коментир предизборните ветувања на ДУИ.

Се губи секаков легитимитет затоа што сте собирале гласови врз основа на тоа ветување. Оваа компонента на демократијата ако не ја вратиме, ќе изгуби смисла јавно искажаниот збор. Ние веќе не знаеме како да се однесуваме пред граѓаните, дали на следните избори и ние да лажеме, дали и ние да манипулираме – порача Гаши.

Во март месец 2021 година, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, повторно посочи дека би учествувале во Влада само доколку ДУИ е опозиција.

Ако е понудата да се формира Влада до локални избори па потоа да одиме на нови парламентарни избори, можеме да разговараме. Сакаме да излеземе од кризата. И секако, никако со ДУИ. Нема да бидеме дел од Владата со ДУИ – изјави Гаши на 8 март 2021 година во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 .

Алтернатива не прифаќа заедничко владеење со СДСМ и ДУИ, беше ставот на секретарот за односи со јавноста на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими даден во октомври оваа година.

Ние не побаравме да се приклучиме. Не гледам причина некој да прифаќа неартикулирани барања. Немаше ниту едно барање, ниту молба за Алтернатива да му се приклучи на парламентарното мнозинство. Ние сме во процес на формирање ново парламентарно мнозинство од кое дел нема да бидат оние што се сега во Влада која речиси и воопшто не постои – посочи Зеќирија Ихбрахими.

Првите сигнали за пишманење на Алтернатива за учество или не во влада заедно со ДУИ почнаа во драматичните денови пред гласањето на недовербата на владата на Заев. Тие денови пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, почна со негодување и најави дека нема да гласа за пад на ДУИ доколку во истата иницијатива учествува и Левица. Овој негов став наиде на огромен отпор и негодување од страна на активистите, поддржувачите и симпатизерите на Алтернатива. Меѓу најгласните од нив беше нивниот огранок во Општина Чаир.

Претставници на огранокот на Алтернатива во Чаир велат дека „одржале итен состанок во врска со создадената политичка ситуација. Од овој состанок огранокот се огласи со едногласен став дека Алтернатива треба да гласа за уривање на Владата на СДСМ – ДУИ – објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“.

Оттаму напишаа дека Од огранокот децидно одлучиле дека: „Ако пратениците на Алтернатива не гласаат против Владата на СДСМ – ДУИ, тогаш тие ќе ја престанат со својата политичка активност“.

Дали реториката со лаги е само одлика на Зоран Заев или тоа е веќе заразно останува да видиме. Дали лидерот на Алтернатива, Африм Гаши ќе остане на зборовите кои ги кажа дека нема да учествува во Влада во која партиципира и ДУИ или ќе ги погази, ќе покаже исходот од неговата средба со Заев.

Но, едно е очигледно, а тоа е дека членството на Алтернатива во голема мера е против учество во таква власт заедно со ДУИ и можно е дополнителни турбуленции и можен раскол во партијата која и самата настана со одвојување од движењето БЕСА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.