Браќата Белули, кои се сопственици на туристичката агенција Дурмо турс, се сопственици и на станица за технички преглед во Гостивар.

„Република“ се обиде да стапи во контакт со Автомото здружението АМЗ Гостивар и да добиеме информација дали техничкиот преглед на автобусите на Дурмо турс се врши во станицата на истите газди, но оттаму недобивме одговор.

Јас само работам тука, ништо не знам, ни одговорија денеска од Автомото здружението АМЗ Гостивар.

Едниот од браќата Белули, Дурмиш, е и управител на АМЗ Гостивар. „Република“ направи повеќе обиди да стапи во контакт и со станицата за технички преглед и со туристичката агенција, но веќе никој не одговараше на телефонските повици.

Министерството за транспорт и врски не е надлежно за утврдување на техничката исправност на возилата кои вршат јавен превоз. Оттаму тие се прогласуваат за ненадлежни за исправноста на автобусот на „Дурмо турс“, кој вчера имаше сообраќајна несреќа, во која животот го изгубија 15 лица.

Министерството за транспорт и врски е надлежно само за издавање на лиценци за транспорт. „Дурмо турс“  има добиено 4 лиценци за транспорт, две за внатрешен, две за надворешен транспорт. „Дурмо турс“ има добиено две дозволи за транспсорт на релацијата Гостивар-Скопје, една со важност до 2020 година, една до 2023 година. Овој превозник поседува 40 лиценцирани возила за транспорт – информираат од Министерството за транспорт и врски за „Република“.

Според нив дозволата за превоз се добива врз основа на потврда за исполнување услови за техничка исправност.

„Дурмо турс“ доставил потврди за техничка исправност на сите 40 автобуси. Врз основа на нив овој превозник добил лиценца за работа – додаваат од министерството.

„Република“ испрати и прашања до Министерството за внатрешни работи. Но оттаму сѐ уште нема одговор. Контактиравме и со одговорното лице за односи со јавност од СВР Тетово, но тој не препрати да се обратиме во МВР. Одговор дали агенцијата сама си издава потврда за техничка исправност на возилото сѐ уште немаме.

Побаравме информација и од осигурителната компанија која ја издала полисата за осигурување. И оттаму немаше одговор на нашите повици.

Макфакс објави дека Државниот инспекторат за транспорт последна контрола на автобус на компанијата „Дурмо турс“ направил лани во ноември. Инспекторите утврдиле дека има уредна документација, но возачот добил казна поради непочитување на возниот ред.

Инспекторите констатирале дека автобусот е сосема исправен во однос на она што ние го контролираме. ‘Дурмо турс’ има лиценца со важност од пет години за меѓународен и меѓуопштински превоз, има дозвола, а имале и потврда за техничко-експлоатациони основи, документ што го издаваат станиците за технички преглед. Контролата е извршена на 16.11. 2018 година на автобуската станица во Кичево. Возачот добил казна за непочитување на возниот ред, односно застанал да прими патници на место што не е предвидено за застанување, изјавил директорот на Инспекторатот, Руфат Хусеини, за „Макфакс“.

„Република“ испрати прашање до Државниот инспекторат за транспорт која станица за технички преглед ја има издадено потврдата за техничко-експлоатациони основи на „Дурмо турс“, од каде очекуваме одговор .

Се отвора и друго прашање – дали законите дозволуваат фирми превозници да имаат и своја станица за технички преглед и сами да си издаваат потврда за техничка исправност на возилата врз основа на што и добиваат дозвола за работа?!

Нерегистрирани и неисправни автобуси честа слика на улиците низ Гостивар

Податоците од контролите на возилата кои вршат јавен превоз што ги спровеле Одделенијата за безбедност на патниот сообраќај на Секторите за внатрешни работи, се загрижувачки. Во акцијата спроведена на 30 август 2018 година во тетовско-гостиварско подрачје за контрола на техничката исправност на возилата кои вршат јавен превоз на патници (автобуси и комбиња), од 81 исконтролирано возило полициските службеници од сообраќај исклучиле 11, а кај 18 други констатирале разни видови прекршоци. Поголемиот дел се однесувале на неисправни уреди за кочење, но и други неисправни уреди на возилата.

Неколку месеци претходно – во април 2018 година, од 40 исконтролирани возила во Тетовско, кај 21 биле утврдени недостатоци: 13 имале неисправни сопирачки, 4 биле без извршен технички преглед, а 2 со истечена регистрација. Полицијата од сообраќај веднаш исклучила 15 возила. Во Гостиварско, од 21 исконтролирано возило за јавен превоз, 2 имале неисправни сопирачки, 3 имале други неисправни уреди, 4 немале извршено технички преглед, а едно било со истечена регистрација.

Состојбата не била подобра ни една година претходно. Во јуни 2017 година, акциската контрола во Гостиварско покажала дека кај секое трето возило кое се користи за јавен превоз била утврдена одредена неисправност на вонредниот технички преглед. Со контролата биле опфатени 31 возило, а од 18-те кои биле испратени на техички преглед, кај 6 била утврдена неисправност на сопирачките, а едно било целосно технички неисправно. Дел од возачите управувале со истечена возачка дозвола и истечна регистрација. Состојбата не се подобрила ни четири месеци подоцна. Во контролата спроведена во септември 2017 година, полицијата исклучила од сообраќај 10 од 19 контролирани автобуси во Тетовско: 4 имале неисправни сопирачки, а на 6 им била истечена регистрацијата. Покрај ова биле констатирани уште 18 други видови прекршоци. Во Гостиварско, од 21 контролирано возило, 15 биле испратени на вонреден технички преглед: кај 3 била утвредена неисправност на сопирачките, кај 2 истечена регистрација, а три не се јавиле на прегледот. Полицијата од сообраќај исклучила 5 возила.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.