И во услови на зголемени мерки на претпазливост поради коронавирусот, затворени институции, угостителски објекти, одложени секаков вид на случувања и препораки за избегнување на собири поголеми од пет лица, во скопскиот кривичен суд рочиштата течат како да нема никаква закана.

Министерката за правда Рената Дескоска вчера информираше дека Владата препорачала Судскиот совет и Врховниот суд да ја разгледаат можноста за носење на одлука за одложување на судењата, но со неколку исклучоци.

Со исклучок на предмети кај кои постои потреба од итност на постапување, како што се предмети кои се пред застарување, предмети во кои се изречени мерки притвор или други мерки за обезбедување на присуство, како и предмети во кои сериозно би било нарушено правото на судење во разумен рок, предмети кои се стасани до изрекување пресуда, предмети за кои се одлучува без јавна расправа и сл., рече таа.

Но, скопските судови и денеска работат нормално, а рочиштата се одложуваат дури откако се сите присутни во салата, како што беше случајот вчера со предметот „Таргет-Тврдина“.

Како што тврди одбраната, пред одложувањето на рочиштето во салата бил присутен сведок од Дебар, а не бил заштитен или проверен.

И денеска рочиштето за настаните од 27 април беше одложено само затоа што дел од адвокатите кој ги застапуваат обвинетите за предметот „27 април”, со писмо го известиле Кривичниот суд – Скопје дека претходно престојувале надвор од државата, односно како превентива за заштита од вирусот Ковид-19, тие не излегуваат од дома.

Одложување на сите судски рочишта, освен итните постапки односно предметите со времени мерки и притворските предмети побараа и од Адвокатската комора. Во допис испратен до Владата, Министерството за правда, Врховниот суд и Министерството за здравство, адвокатите бараат воведување на мерки за претпазливост и заштита од коронавирусот во правосудниот систем.

Адвокатската комора на РСМ брои околу 5.000 членови – адвокати, адвокатски стручни соработници и адвокатски приправници. Истите, секојдневно вршејќи ги своите работни ангажмани, се движат со голема динамика. Во текот на дневното работење, пред судовите се закажани огромен број на рочишта по разни предмети, посебно во граѓанските судови, што изнесува околу 1.000 судења на ден. Конкретно, според податоците објавени само на веб страната на Основниот граѓански суд Скопје, за ден 16.03.2020 година за период од 08.30 до 10.30 часот се закажани 100 рочишта. Тоа значи дека само за наведениот период од 2 часа во Основниот Граѓански суд Скопје циркулираат најмалку 500 лица (адвокати, судии, записничари, странки, сведоци и други). Имајќи го предвид наведеното, очигледно е дека во текот на денот на територијата на државата се одржуваат илјадници судења, на коишто присуствуваат повеќе илјади лица кои се во меѓусебен контакт, се наведува во дописот.

Денеска на судењето на Талир 2 се собрале десетина луѓе. Рочиштето е одложено затоа што дел од адвокатите ја користат мерката на Владата да останат дома поради грижа на деца до 10 годишна возраст. Сепак, оние кои биле во судница велат дека се изожени на ризик да одат до суд, да влезат во зградата, да се собере група од повеќе луѓе.

Адвокатите бараат да се најде начин да се стопираат сите судења поради актуелната ситуација.

-Бадијала мерки, седење дома, ако ние влегуваме во суд секој ден, се собираме по 10-20 луѓе, шетаме низ зградата, некои доаѓаат на суд со јавен превоз. Ги изложуваме нашите дома на дополнителен ризик. Да не зборуваме дека го загрозуваме нашето здравје со самото доаѓање до тука, а реално нема услови за рочишта поради мерките кои се преземени о страна на Владата – коментираат адвокатите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.