Лице блиско до поранешната сопственичка на „Диамед“, во проширена кривична пријава против Ден Дончев, во која е додаден и Зоран Милевски Кичеец, во писмена изјава доставена до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, тврди дека под уцена им исплатило на двајцата вкупно 824.000 евра по разни основи. Дали ова е една од главните причини поради кои Ден Дончев, сега веќе поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, е под истрага од страна на Обвинителетсвото?, пишува во својата колумна на „Плусинфо“ Бранко Героски.
За сериозните сомневања за постоење нова рекетарска афера, поврзана со Дончев, пишував во март годинава, но и кон крајот на минатата година. Во медиумите аферата беше наречена „Рекет 2“. Претпоставувам дека сега, по оставката на Дончев, Обвинителството ги интензивирало активностите за утврдување на фактите. Откако обвинителката Вилма Русковска потврди дека против Дончев се води истрага, стана јасно дека неговата одлука да ја напушти директорската фотелја во ФЗОМ сепак е политичка и веројатно има врска и со „Рекет 2“, но и со новите докази за рекетот поврзан со него. Овие нови докази, како што веќе пишував, биле дадени на увид на обвинителите и се толку сериозни, што лидерот на СДСМ Зоран Заев веројатно проценил дека со една таква нова афера на вратот и со Дончев слободен, па уште и на директорска позиција, нема што да бара на избори.
Што се однесува до тие нови докази, јас ги немам „инспектирано“, но моите извори тврдат дека станува збор за многу сериозни и цврсти докази, кои експлицитно укажуваат на постоење мрежа за рекетирање на субјекти кои пружаат разни услуги во здравствениот сектор, за кои плаќа Фондот за здравство. Редовната наплата на тие услуги, всушност, била уценета со исплата на кеш на рака на лица, кои потоа парите ги носеле на соодветни адреси. Сумата што јас ја слушнав, во која е опфатен и рекетот за кој имав намера да пишувам во март, достигнува 2 милиони евра на годишно ниво, пишува Героски во колумната.
Зошто Дончев вршел притисоци?
Велам, немам увид во тие нови докази, но затоа, пак, располагам со подетални информации за проширувањето на кривичната пријава на оштетената сопственичка на „Диамед“, во врска со аферата „Рекет 2“. Да се потсетиме. Лани во октомври ги обелоденив, а годинава во март и со конкретни докази ги поткрепив наводите од кривичната пријава на сопственичката на „Диамед“ против против директорот на ФЗОМ Ден Дончев и против министерот Венко Филипче. Во таа пријава двајцата се обвинуваат дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик. Се тврди дека тие здружено презеле дејствија со кои ги оштетиле и неа, но и Буџетот на Република Македонија, во обид да стопираат влез на странска инвестиција во Македонија.
Но, тие написи не го објаснија мотивот на директорот на ФЗОМ Ден Дончев во 2018 година да врши жестоки притисоци врз угледната шведска компанија „Диаверум“ да се откаже од намерата да ја купи македонската компанија „Диамед“ и да стане вториот македонски оператор на услуги за дијализно болни лица. Тие притисоци на 1 ноември 2018 година кулминирале со формално писмо на Министерството за здравство до шведската компанија, кое содржи суптилни, но јасни закани до странскиот инвеститор. Тоа писмо веќе го објавив, како и одговорот на шведската компанија.
Остана да виси прашањето зошто воопшто бил нужен овој притисок, кога, како што сведочат самите Швеѓани, во средината на 2018 година и министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев на претставниците на „Диаверум“ им ветиле дека истрагата што се води за наводно скриените сопственици на македонската компанија нема да го засегне концесискиот договор и дека шведската компанија ќе може слободно да работи во Македонија. Зошто на денот на склучувањето на зделката во Македонија, 25 октомври 2018 година, Швеѓаните биле пречекани со честитки од премиерот, но и со студен туш од Ден Дончев, со измешани изјави од кои биле шокирани?
Зоран Милевски Кичеец во приказната?!
Од средината на ноември 2018 година, па се до крајот на минатата година, се води истрага за сомневањата во врска со компанијата „Диамед“, при што средствата на поранешната сопственичка Вера Иванова, добиени од купопородажбата и уредно пријавени кај македонските даночни служби, во висина од 11,5 милиони евра, се замрзнати до ден денес.
Кривичната пријава на Иванова против Дончев и Филипче сега е проширена (тоа е нов момент, досега непознат за јавноста), против лицата Ден Дончев и Зоран Милевски Кичеец. Вториов, како што е познато, веќе е осуден во аферата „Рекет“ и е познат како носител на чантата „Луј Витон“. Во проширувањето на кривичната пријава има сериозни наводи дека лице блиско до поранешната сопственичка на „Диамед“ било уценувано да исплаќа парични средства по барање на Дончев. Тоа лице дало долг исказ во Основното јавно обвинителство за организиран криминал, а за детаљите во врска со тој исказ подоцна доставило и писмена изјава.
Според моите сознанија, во таа изјава експлицитно се вели дека паричните средства кои со уцена биле исплаќани на Зоран Милевски Кичеец, а како што тој лично изјавувал, по барање на директорот на ФЗОМ Ден Дончев, биле во вкупна вредност од 824.000 евра и тоа по три основи.
Првиот основ наводно била донација за потребите на Македонската православна црква. Вториот основ биле парични средства како фиксна сума, побарани за предвреме платени фактури од страна на ФЗОМ за веќе извршена и фактурирана услуга (кога се вели „пред време“, се мисли пред предвидениот рок за плаќање од 120 дена по извршените услуги). Според изјавата, фактурите, по ургенција на Милевски кај Дончев, се платиле пред крајниот рок, со цел да се обезбеди ликвидност на фирмата „Диамед“, за да може да им се исплаќаат месечните рати кеш. Меѓутоа, за истата исплата, неврзано за месечните рати, од него била побарана и фиксна сума, тврди лицето во писмената изјава. Третиот основ, значи, биле месечните рати, врз основа на месечна претпоставена добивка од услугата за дијализа, како што ја пресметал Ден Дончев.
Целиот текст тука
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.