Моето мислење е дека треба да се добие исто така изјава од началникот на МВР во Струга Дритон Ајро којшто е близок роднина на обвинителот Артан Ајро којшто беше ангажиран во СЈО, рече денеска Антонио Милошоски одговарајќи на новинарско прашање за барањето на СДСМ за оставка на министерот Наќе Чулев, во однос на литијата во Струга.

Сметаме дека треба началникот како прв човек на министерството во општина Струга да ја даде својата изјава и извештај. Во однос на барањето на Зоран Заев за оставка на министерот Наќе Чулев, сметаме дека тоа би го побарал секој човек којшто е осомничен за криминал. Зоран Заев е уплашен и знае дека може еден ден неселективноста во делување на министерот Наќе Чулев може да тропне и на неговата врата. Затоа бара оставка од министерот за внатрешни работи, бидејќи секој ден министерот Наќе Чулев добива се повеќе информации за криминалите во коишто Заев и неговите блиски биле вклучени во изминатиов период. И кога еден аболициран политичар, бара оставка од еден министер за внатрешни работи тоа би требало да е комплимент за министерот, рече Милошоски.

Според него не би требало да има ниту повластени, ниту пардонирани, ниту селективни постапки по однос на било каква одговорност поврзана со пандемијата и пропишаните мерки.

И како што не треба да биде пардонирана докторката Цаца Биљановска која што зарази шест нејзини колеги и доведе во ризик многу луѓе, така не би требало да биде пардониран било кој граѓанин на било која општина, доколку свесно предизвика некакви ризици и добро е што надлежните најавија дека ќе го преиспитаат овој случај, рече Милошоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.