Да се запознае суровоста на животот додека се уште вистински не си го запознал е навистина тажно. Во ваква ситуација е нормално да се запрашате „зошто Боже“, како што се прашува и Елена од Кочани, мајка на малиот Јаков, кој на само 10 месеци го почувствувал најстрашното искушение во животот- борба за здравјето. За Јаков деновиве се упатуваат апели за помош од финансиски средства, бидејќи по две операции тука, треба да замине на лекување во Истанбул, Турција.

ММС го контактираше семејството Јанакиеви од Кочани, а нивната борба за здравје на синчето не остава никого рамнодушен, напротив нема кој не посакува да му се врати насмевката на 2.5 годишниот Јаков. Мајката Елена ни ја раскажа тешката борба на Јаков и неговото семејство и големата надеж дека се ке биде добро.

-Јаков е роден на 11 март во 2019 година, уште нема 2.5 години. Уште во првата година од животот, место да му се радуваме на ново запче, проодување, роденден, нам ни почнаа страшни маки. На 10 месеци му се појави тумор или нефрогластома, па поради тоа го изгуби едниот бубрег.Таков тумор вообичаено се појавува кај поголемки деца, на 4-5 годинки, но кај Јаков се случи многу порано, уште бебе, немаше проодено. Го открија така што му се појави деформитет на стомачето. Лежевме во Кочани на детското одделение, бидејќи имаше пневмонија, но тоа било предизвикано токму од туморот. Тој ги поткревал белодробните крилја и поради тоа правело опструкција. Додека лежевме во Кочани го забележавме деформитетот и лекарката предложи веднаш да се направи ехо. Прво мислеа дека има проблем со црниот дроб, па итно не испратија за Скопје. Лежевме на доенче околу три недели, со интеннзивни испитувања, магнет, компјутер. На ехо се гледаше дека станува збор за проблем на црн дроб, но компјутерот покажа сосема друго. Поради тоа што на Клиника не се прави кор биопсија, не пратија во приватна клиника. Направивме и очекувавме резултатот побргу да излезе, но резултатот се задржа, бидејќи специфичен бил туморот, вилсов тумор и кај толку мало дете досега не се имало појавено. Препорака од лекарите беше да се реагира веднаш, тумурот беше 14 сантиметри и операцијата беше многу ризична, бидејќи Јаков беше бебе. Прво се направи хемотерапија за да се намали туморот, беше доста ризично. Моја одлука, како мајка полна со надеж, беше да се оперира во приватна клиника. И се направи операција, а потоа се направи хистопатолошки наод и излезе дека е прв стадиум со среден ризик. По операцијата на секои три месеци одевме на контрола и се беше супер. Овој април повторно бевме на контрола и ништо немаше. Односно тогаш не се виде. За да сега на 30 јуни кога бевме на нова контрола се напипа и се виде дека на стомачето повторно има проблем. Се виде дека на десната страна дијафрагма е потподигната. Ехо во моментот на Клиника не можеше да се направи, па повторно го однесовме на приватна клиника, каде се виде дека повторно има тумор. Дека болеста се вратила. Мораше брзо да се реагира и се се случи за две недели, од дијагностицирање до вадење на туморот. Д-р Симеонов и првиот и вториот пат го оперираше и го извади и вториот тумор. Но, препорака е, кога веќе пак се појави рецидив на болест, подобро да се однесе во странство, затоа што, за жал, малку сме назад со техниките на испитување, кај нас нема петскен за деца. А треба поинвазивна, поагресивна, јака хемотерапија, вели тажно Елена, мајка на Јаков.

Кога сето тоа и го кажале Елена без двоумење решила да побара спас за Јаков надвор од државата, со цела надеж дека така еднаш засекогаш ќе го реши здравствениот проблем на своето синче.

-Нашите лекари велат дека и тука се дава хемотерапија, но во контакт и совет од родители кои поминале низ ова, а и од страв за здравјето и животот на Јаков, кој е премал, најдовме клиника во Истанбул, Турција. Сите документи за историја на болеста што ги имаме за Јаков ги пративме на две места во Истанбул, но цената не се разликува. А не само хемптерапија, туку треба да се направат и дополнителни испитувања, кои овде кај нас ги нема. Ние до крајот на другата недела мора да заминеме, бидејќи сега закрепнува од операција, но мора да се замине што побрзо. И јас и сопругот сме полни со надеж дека се ќе биде во ред и ќе си го спасиме детето. Дека нема да трае долго, бидејќи имаме поголемо синче, Јордан (7), кој од се ова што се случува е многу истрауматизиран, вели Елена.

Целиот текст на ММС


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.