Граѓаните и денеска излегоа на улица искажувајќи го својот револт од, како што велат, продажбата на се што е македонско. Под мотото „Оставка за Заев, слобода за народот!“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ денеска граѓаните се собираа пред Владата и пред министерствата за правда и надворешни работи, од каде беа упатени пораки до премиерот Зоран Заев, како и до владејачката партија СДСМ.

Актерката Јелена Жугиќ пред Министерство за надворешни работи зборуваше за целата ситуација која и се случува на Република Македонија во врска со Бугарија. Според неа за се виновен е Зоран Заев.

-Кој си ти да уриваш, што ти си изградил за да уриваш каков изрод си ти, една дупка да отвориш и цела дупка паѓа. Наше е да го поправеме наследеното, не да менуваме, ги знам јас тие кои те натераа да го правиш ова и тие не доаѓаа да видат кој сме туку да покажат кои се тие. Се сеќавам кога се роди син ми, јас си помислив „Господе, ова дете нека го сочува овој наш свет дом“, ама не излезе така, не ни е Европа виновна, Европа може да зборува што сака ние не мора да и веруваме, верност немаме кон себе, не се сеќаваме на минатото, не се сеќаваме на иднината, а иднината е во наши раце, рече таа.

Жугиќ во своето обраќање укажа дека за историјата, културата и културното наследство нема компромис и потенцира дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик.

-Да ви кажам нешто и за Македонците, тие се трудољубив, образовани и снаодливи, тие не се тврдоглави ни вообразени и знаат за мерка во се, за секоја тешкотија сакаат мирен и споразумен пат да најдат, умеат да чекаат и да гледаат. Доста се тие лаги и злоба. Не за компромиси со историјата, ние сме Македонци и говориме на македонски јазик. Македонскиот јазик, и култура и културното наследство имаат вековна традиција, додаде таа.

Бети Стаменковска Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ на протестот пред Министерство за правда на граѓаните им заблагодари што и денес дојдоа за да се обранат националните интереси кои што Заев и Владата ги распродаваат.

-Дојде еден човек кој се што нашите предци твореле да уништи. Дојде еден нечовек, дојде еден немакедонец, дојде Заев кој сака се да уништи. Нема да дозволиме Заев да ни ја менува историјата во учебниците. Наша е таа историја, не е негова да си прави што сака. Оваа историја ја создадоа нашите предци, ние ја создаваме заедно, а не некој Заев или пак некои лица од Бугарија да ни ја раскажуваат како што ним им се допаѓа, истакна Стаменковска Трајковска.

Стаменковска Трајковска нагласи дека имаме богата земја со историја, таа земја треба да се негува и чува. Но за жал дојде еден човек кој што сака се да уништи она што генерации и генерации граделе и се бореле.

Македонскиот народ нема да дозволи некој Заев да уништува она што го граделе нашите предци. Зар поради Заев нема наставниците да ги учат децата на вистинската македонска историја, тоа не треба да дозволиме, затоа ние сме генерација која што ќе се спротивставиме на Заев и ќе кажеме НЕ. Нема да дозволиме да останеме без јазик, историја и идентитет – рече таа.

Александар Пандов пред Министерството за правда рече дека ние живееме во земја каде како Македонци треба да се објаснуваме со соседите дека сме Македонци, дека нашите предци говореле македонски, дека имаме сопствена автентична историја.

„Ние сме едиствена земја во која оваа багра на Заев, заедно со Димитров, сега зајакнати со Бучковски ни се преговарачи со Бугарија. Може да замислете каков би бил исходот. На сите им се јасни ставовите на Заев, Димитров, Бучковски. Тоа се луѓе кои за лични причини би продале се. Тоа се луѓе чии ставови се многу поблиски до ставовте на Каракачанов, Захариева, Борисов“, рече Пандов.

Тој посочи дека токму поради овие причини народот е пред е на улиците, тука пред Министерство за правда, пред МНР, пред Влада, и додаде „ќе не има и во 20 градови.

„Ве повикувам до паѓањето на оваа хунта, до паѓањето на Заев да не се повлекуваме од улиците. И на Заев му е јасно дека крајот му се ближи“, кажа Пандов.

Пандов со апел да не се дозволи еден ден кога ќе се разбудиме да ја нема Македонија, а ние да не бидеме Македонци.

Пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ Владата порача дека „овие трговци сместени во владата одлучија да распродаваат се, ние нема да дозволиме некој од удобните кабинети да го распродава најсветото за Македонците и Македонија“.

-Четири години граѓаните се соочуваат со пораз, економијата е на колена сиромаштијата расте, а младите ја имаат картата за еден правец, кажа Петрушевска.

Пратеничката рече „доста се падови, доста беа порази, доста беа поделби“.

-Драги браќа и сестри, како да не беше доволно што секојдневно сведочиме на домашни порази, сега сме седоци и на порази на надворешен план. Заев распродава! Ние тоа нема да го дозволиме, целиот свет знае дека основната вредност на ЕУ е обидинети во различностите. Сите ја знаат вредноста на посебноста на нашата култура, историја, само Зоран Заев не го знае тоа, рече Петрушевска.

На крајот на обраќањето, пратеничката укажа дека ова е нашиот дом и повика да се придружат сите во оваа заедничка борба, бидејќи како што додаде „ние друг дом немаме, време е да ги одбраниме националните интереси, културата, посебноста и Заев да го испратиме во минатото“.

Тони Менкиноски пред министерство за правда на граѓаните им порача дека не треба да се дозволи Заев да тргува со националните интереси и со правата на македонските малцинства во другите земји.

„Ние имаме квинслинзи во нашите редови, имаме луѓе кои сакаат да се откажат од она што не немаат право да преговараат и да го продаваат“.

Менкиноски додаде дека не треба да се дозволи на Заев да води анационална политика. Правата на Македонците во соседството треба да постојат, не може Заев да си игра со животот на овие луѓе. За оваа слобода има бројни херои кои го дале својот живот и гинеле по затворите.

„Пораките денеска кои што ние ги кажуваме се истите, оставете не нас Македонците, оставете не сами да си ја кроиме нашата судбина. Не дозволувајте одредени антиевропски сили да не избришат. Оставете не нас Македонците како и секогаш да си ја кроиме својата судбина. Македонија е на Македонците“, порача Менкиноски.

Менкиноски порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за правата на македонските малцинства во соседните земји, бидејќи тоа права треба да се чуваат и негуваат.

Пратеникот Игор Јанушев од протестот пред македонската Влада порача дека веќе неколку недели македонскиот народ е на учици во одбрана на Македонија од неправдите и зулумите кои му ги прави криминалецот и патолошки лажго на власт Зоран Заев, кој на големо ја распродава Македонија и македонските национални обележја.

-Човекот кој што ја има окупирано фунцијата Премиер е докажан криминаалец со судски постапки, аболициран, помилуван. Истиот тој човек распродава се, преговараат за Гоце, за државата, за се што е македонско. Ние, треба да се срамиме единствено од нив, од Заев, од Бучковски и тие околу него. Имаме двајца докажани криминалци, двајца осудени криминалци кои преговараат за се што е македонско, на кои што овде не им е местото, истакна Јанушев.

Од пред влада пратеникот Јанушев им порача дека правдата знае да биде бавна, но не и слепа и дека за сетоа ова зло што им го прават на Македонија и на македонскиот народ, ќе се најдат онаму каде што заслужуваат, пред лицето на правдата.

-Единствениот стандард кој што го воспоставие во овие неколку години нивно владеење е само крадење и лажење. Единствената вредност за која што знаат да зборуваат е како да прифатиме нечии други вредности, заборавајќи на нашите традиционални македонски вредности, за оние вредности кои што генерации и генерации се бореле, рече тој.

Да, сакаме во Европа, сакаме во Европската унија, но европските вредности, вели Јанушев, се демократија, владеење на правото, борба со корупцијата, а за сите овие работи овие во Влада преставуваат антипод на тие вредности.

Тој ги повика сите граѓани да се придружат на секојдневните протести, затоа што еден единствен човек е непријател на Македонија и македонскиот народ и и на сите оние кои што живеат во Република Македонија, тој човек има име и презиме и се вика Зоран Заев.

Време е, порача Јанушев, да си ја вратиме државата во рацете на народот.

Димче Арсовски пред Министерство за надворешни работи рече дека се собрани пред МНР затоа што треба да си го зачуваме идентитетот затоа што на власта не и гајле за тоа.

-Човек кој нема идентитет не може да го зачува идентитетот на Македонците. Видете му го идентитетот на Никола Димитров и се ќе ви стане јасно зошто не може да го зачуваат идентитетот на македонскиот народ. Токму така, затоа сме тука за сами да си го зачуваме идентитетот затоа што на нив не им е гајле. Само им е важна фотелјата, бизнисот и ништо друго. Видете им ја историјата на овие политичари кои што во моментов преговараат со Република Бугарија и се ќе ви стане јасно. Видете му ја историјата на Зоран Заев, и што има тој направено криминал, криминал и само криминал, човек со таква историја не може да ја одбрани историјата на Република Македонија затоа не им е важен ниту Гоце Делчев, ниту Раде Јовчевски Корчагин, ниту Питу Гули, истакна Арсовски.

Арсовски во своето обраќање посочи дека со назначувањето на Владо Бучковски за специјален претставник на Република Македонија нема ништо да реши и не може таков човек да биде специјален претставник на Македонија

-Овие луѓе само го продлабочуваат проблемот. Сега откако назначија уште еден специјален претставник на Република Македонија за преговарање верувајте дека уште повеќе нема ништо да се реши. Значи не може таков човек да биде специјален претставник на Македонија. Тој да сакал имал шанса и ќе го решел тоа од 2006 година, истакна тој.

Портпаролот Арсовски на крај порача дека не смееме да се откажеме и дека во најбрз момент Зоран Заев треба да си замине од власт

-Затоа не смееме да попуштиме и не смееме да се откажеме. Она кое во најбрз момент треба да се случи е да падне Зоран Заев, а ние до тогаш остануваме на блокадите, додаде Арсовски.

Наум Стоилковски пред Влада побара оставка од Зоран Заев и упати прашање кон Заев дали знае зошто Владата на Македонија е токму на Булеварот Илинден?

-Зоране Заев не сум дојден тука да те мавам, тука сум дојден да ти кажам оди си. Готов си. Ова е последна твоја ол-ин игра, ова е последната рака на неукиот коцкар кој што влета во крвава игра, македонскиот народ да го претвори во вештачка нација.Не постои народ особено не на Балканот чија што етничка карта се поклопува со политичката мапа на државата.Народ без свое малцинство во соседството, е токму тоа, вештачка нација, и по тоа тргна. Зоран Заев по стотина години повторно ги оддели македонските семејства, брат од брат, потпиша договор со кој што Македонците повеќе немаат роднини во егејот, преговара Mакедонците повеќе да немаат роднини во Бугарија. Дозволи да бидат побугарчени Македонците од Мала Преспа од Корча од Гора во Албанија.Зоран Заев го прави она што ниеден окупатор не успеал да го направи. Да ја одземе слободата, јазикот, да ја одземе историјата, да го одземе правото на самоопределување. Епа Зоране Заев нема да успееш ниту ти. Не постои народ чиишто политичар тргнал со обвинувања за својата земја, само за Зоран Заев Македонија и Mакедонците се виновни за се. Не постои политичар на светот чија што рака ставерна на срце е рака која што го подели сопствениот народ. Не постои политичар во светот кој што го обезличил својот народ да му го забрани името, нагласи Стоилковски

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски од протестот му порача на Зоран Заев дека е лош коцкар на кого му лепи раката.

-Нема македонска култура, ги брише Македонија, нема македонски театар нема македонска телевизија, нема македонски фолклор. Не постои политичар кој што својата држава ја претворил во територија од која што секој може слободно да граба што ќе посака, за да граба и тој. Лош коцкар на кого му лепи раката.З оране Заев стојам тука на Булеварот Илинден, а знае ли Зоран Заев зошто Владата на Македонија е токму на Булеварот Илинден? Затоа што Илинден е темелот на Македонија бре неук! Илинден е празникот на сите Mакедонци колку и да ги делеле и раселувале низ светот. Зоран Заев го погази го обесчести Iлинден. Зоран Заев го обесчести Iлинденското востание. Зоран Заев го обесчести АСНОМ. Ги обесчести Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, ги обесчести Брашнаров Ченто. Ги обесчести Кочо Рацин Цветан Димов Раде Јовчевски Корчагин.Да ја поздравиме внуката на Раде Јовчевски Корчагин која што е вечерва е тука меѓу нас, истакна Стоилковски

Наум Стоилковски додаде и дека за целата ситуација во која што се наоѓа Македонија денес и за се она што и се случува на Македонија постои само еден виновник а тоа е Зоран Заев.

-Македонија има само еден виновник за оваа ситуација а тоа си ти Зоран Зеав.Ти си тој кој што ги урниса позициите, ти си тој кој што ја разви блудта кај соседите, ти си тој кој што ги зацрни европските вредности и за тоа ќе одговараш! Зоране готов си, замини си сам побрзо за побрзо да ја вратиме Македонија онаму каде што припаѓа, на цивилизираниот свет, каде што се почитува основното човеково право на самоопределување, со право на јазик историја и културна посебност! Се понатаму ќе заврши како црн поднаслов „протеран како слуга на ѓаволот, истакна Стоилковски.

Гордана Димитриеска Кочоска пред Министерство за надворешни рече дека Зоран Заев е најголемиот предавник кој оваа држава го имала.

-Зоран Заев оди си, ти си најголемиот предавник кој оваа држава го има. Денес сакам да ти порачам нешто спаси ги своите деца да не го носат твојот срам, спаси ги твоите идни поколенија, прекини ги веднаш преговорите со Бугарија. Како пред очи да ми е таа 1991 година кога Македонија ја доби таа независност. Те прашувам тебе Заев на што ќе се сеќаават твоите деца, дали ќе се сеќаваат на тоа како потпиша капитулација со Грција, на тоа како ја витка кичмата со Бугарија, такви ли спомени треба да остава еден родител на своите деца, толку многу ли ти се важни парите да не ти е гајле и да немаш милост за сопствените деца. Немој на нив да им оставаш белег и на идните поколенија кога е јасно дека за нас воопшто не ти е гајле. Заев, Македонија не е твоја таа е наша, таа е на идните генерации кои ќе се раѓаат тука, таа е исто така и на они кои живееле и пред нас тука. Таа е моја колку што е и на овој народ тука исто колку што е и на Мирче Ацев, Страшо Пинџур, на Питу Гули и на Христијан Тодоровски Карпош, на Гоце Делчев, рече Димитриеска Кочоска.

Таа во своето обраќање му порача на Заев да се врати во својата компанија и нема право да тргува со Македонија.

-Врати се Зоране во твојата компанија каде можеби ќе бидеш успешен трговец тоа ти го поседуваш и имаш право како што сакаш, ама со Македонија немаш право. Македонија ти не ја поседуваш. Од првиот ден кога дојде на власт зборуваш дека ќе ги уништуваш спомениците, дали уште оттогаш беше договорен да распродаваш се што е македонско Дали во 2016 година дојде на власт со измами и убедувања на народот. Од МНР ти порачувам дека ние нема да се откажеме од борбата за зачувување на македонската историја. Гоце Делчев е наш. Јас сум Гордана Димитриеска Кочоска родена и порасната во Тетово, до 19 години зборував на тетовски дијалект кој е дел од македонскиот јазик и никој до сега не ми рекол не ме разбира и дека тетовскиот не е македонски, нагласи таа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.