Директорката на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ при гостување на телевизија „Телма“ изјави дека потешката клиничка слика која ја развива британската мутација на вирусот носи и млади и здрави животи.
Стевановиќ истакна дека за разлика од изминатиот период, кога поранливи биле постарите лица и оние со коморбитети, сега потешка клиничка слика се развива за многу пократко време и предизвикува проблеми и кај помладите и здрави пациенти.
Новата варијанта на вирусот остава подруга слика и тоа не само во симптомите, туку и во тежината на болеста, времетраењето на болеста и во времето кога се појавуваат симптомите. Ако претходно научивме една динамика на негово развивање и очекувавме компликација 7-8 ден и потоа 10-11 ден како можност за наредно влошување на состојбата, сега се остава впечаток дека оваа варијанта дава влошувања и после 13-14 ден, но и на самиот почеток на болеста. Така што многу е непредвидлив и за жал развива многу потешка клиничка слика – истакна Стевановиќ.
Во однос на лекувањето, Стевановиќ посочи дека по ништо не се разликуваме од она што се применува во регионот и во светот.
Како што соопшти таа, капацитетите на Инфективната клиника се во целост исполнети, но динамиката на испишување и прием на нови пациенти, дозволува да се опфатат и пациентите кои би дошле во следните денови.
Стевановиќ вели дека дури и во случај кога капацитетите на Клиниката се исполнети, постои тесна комуникација со останатите ковид центри и досега не бил оставен ниту еден пациент незгрижен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.