Претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Игор Николов во гостувањето во телевизија Сител се осврна на повеќе актуелни теми како набавка на вакцини и прпусти во справување со последиците од корона пандемијата.

Флоскула е кога велат дека сме прва држава во која ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници, тоа не е вистина. Вакциниран е многу мал дел од здравствените работници. Дополнително правото на вакцини е неприкосновено, а вакцини во Македонија нема – рече Николов.

Тој укажа на сите пропусти кои ги направил министерот за здравство, Венко Филипче.

Пропусти има во континуитет. Првиот бран помина без лична заштитна опрема, вториот без медикаменти, болнички места, третиот бран минува без вакцини – рече Николов.

Тој се осврна и на последната мерка воведување на полициски час.

Има многу прашања како дали мерката е вистинска во даден момент или закаснета, се следат ли епидемиолошки параметри, се почитуваат ли веќе постоечките мерки. Одговорот е не. И сега одат со една генерализирана мерка – смета Николов.

Тој посочи дека доколку би бил министер, а ситуацијата е ваква каква што е прво што треба да се направи е оставка.

Министерот Филипче треба да си даде оставка. Нема справување со последиците на корона. Доблесно е да си поднесе оставка, особено по ова денес што го видовме и слушнавме. Замислете се преговарало се контактирало за набавка на вакцини, а очигледно целта била лични бенефити. Се надевам ќе се испита оваа работа и ќе има резултати од сево ова – кажа Николов.

Говорејќи за случајот со родилката на која и беа извадени здрави органи Николов оценува дека станува збор за скандал.

Судир на интереси е еден директор да работи сам кај себе во своја ординација. Ова се недозволиви работи, затоа време е конечно да се фокусираат надлежните на системските проблеми. По ваков исход во идинина кој би се осмелил од граѓаните да пријави ваков или сличен случај –праша Николов.

Тој се осврна и на предлог законот за проект на нов клинички центар.

Ова што го нудат како закон за нов клинички, не е закон. Тоа е уште една пиар флоскула од 9 члена. Во тој текст никаде не пишува дека некој ќе го контролира процесот на изградба на нов клинички. Дополнително се повикуваат на анализи од 2009 година, знаете колку е сменета ситуацијата во последната година по појавата на корона. Потребен е поинаков пристап. Последиците од кризата го бараат тоа – рече Николов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.