Eпидемиологoт Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје вели дека не може со сигурност да се кажат точни проекции за тоа каква ќе биде динамиката во периодот што следува, иако министерот за здравство Венко Филипче најави дека во Македонија болеста пикот ќе го имаво кон средината на април и дека се очекуваат околу 2.000 случаи.

Сите проценки се прават заеднички и на Комисијата за заразни болести и во Институтот за јавно здравје и во рамки на кризниот штаб во Владата. Проценките се такви, меѓутоа многу е неблагодарно да се каже – да, ќе биде максимум 2.000 или ќе биде 3.000 или ќе биде 1.500 или можеби ќе биде и повеќе, рече Микиќ во дебата на „360 Степени“.

Според него развојот ќе зависи од повеќе фактори.

Прво, од способноста да се тестираат сите случаи, во зависност од тоа колку тестови ќе се направат, второ се временските фактори – сè уште се работи за нов вирус, треба да видиме како ќе се однесува во тек на потоплите месеци, очекуваме како другите респираторни вируси, барем дел да се успори трансмисијата што ќе ни даде време и со овие засилени мерки за социјално дистанцирање, да го успориме и спречиме понатамошното ширење. Меѓутоа, јас се уште сметам дека е рано. Она што можам да го кажам е дека се уште сме во почетните фази на епидемијата, очекуваме да се зголемува бројот, тоа го гледаме секаде во светот, рече Микиќ.

Гостинот апелираше да се внимава на мерките за лична хигиена и на социјалното растојание помеѓу луѓето.

Секако и враќањето во нормалниот животен тек ќе биде постепено. Нема сите мерки одеднаш да се запрат, ќе биде полека. Она што треба да се знае за вирусните заболувања е дека тие без домаќин, а во случајов без човекот како домаќин – не можат да опстанат. Не можат да останат со месеци на површини или во воздух… нив им треба жив домаќин. Во овој случај сме ние луѓето. Доколку ние видиме дека во наредни 14 дена немаме ниту еден регистриран случај или се работи за импортирани случаи коишто не дале други случаи, ќе можеме полека да бидеме посигурни дека веќе не ни циркулира во заедницата. Меѓутоа, тоа не значи да се опуштиме веднаш. Постои можност за повторно да се зголеми бројот, меѓутоа… да видиме, рече Микиќ во „360 степени“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.