Доцент д-р Мери Киријас од Институтот за имунологија во интервју за МИА, истакнува дека официјалните препораки и од производителите и од американската Администрација за храна и лекови (ФДA) и од Европската агенција за лекови (ЕМА) се дека ревакцинацијата против Ковид-19 мора да биде со истиот тип на вакцина со која е извршена и вакцинацијата.
Во моментов постојат неколку студии коишто работат на тоа да видат колкава ќе биде ефикасноста од вакцините ако се комбинира првата и втората доза да бидат од различни производители – нагласува д-р Киријас.
Според неа, во моментов не може официјално да се препорача вакцинацијата и ревакцинацијата да се вршат со различни вакцини, бидејќи се уште не се знае колкава би била ефикасноста и што би можело да се очекува.
Претпоставувам дека во наредниот период кога ќе имаме информации, препораките ќе се менуваат. Меѓутоа, во моментов препораката стои дека и втората доза (на вакцината) треба да биде од истиот производител – потенцира д-р Киријас.
Таа истакнува дека досегашните искуства покажуваат дека вакцинацијата е еден од начините со кои што можеме да се справуваме со инфективните заразни заболување, посебно со оние кои што се многу заразни и имаат висока стапка на смртност, како што е случај со Ковид-19,
Гледаме дека имаме земји каде што има помасовна вакцинација има ефекти од неа – нагласува д-р Киријас.
Таа истакнува дека во рок од шест месеци по имунизацијата против корона вирусот, може да бидеме сигурни дека постои заштита од Ковид-19, но може да се очекува тој временски период да биде и подолг.
Присуство на антитела значи заштита, не е важна колкава е таа бројка од моменталните информации коишто ги имаме. Тоа значи лицето кое што прележало Ковид има заштита и заштитата не е само со антителата. Тоа е нешто што ни е померливо и затоа сега се зборува толку, меѓутоа тука е и клеточниот имунитет којшто секако останува како меморија, како памтење кај индивидуите. Така што лицата ќе имаат и антитела и клеточен имунитет. Колку долго ќе трае, ќе видиме. Засега немаме податоци, меѓутоа секако се очекува дека тој имунитет ќе трае една година – додава д-р Киријас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.