Професор д-р Анѓелко Ѓорчев (73) е се уште во кома, но неговата состојба не е последица на примената вакцина против ковид-19, вели директорот на Универзитетскиот клинички центар во Ниш, Зоран Перишиќ.

Пулмолог Ѓорчев од Скопје заедно со уште неколку колеги доктори во неделата тргнал за Ниш за да се вакцинира против ковид-19, но му се слошило во салата „Чаир“ во Ниш по примената вакцина.

Анализите покажаа дека неговата состојба не е последица на примената вакцина, изјави Перишиќ за агенцијата Бета.

Како што рече, лекарите исто така ги елиминирале срцевите проблеми како причина за несвесната состојба бидејќи била извршена коронарна ангиографија и била проверена состојбата на четирите бајпаси што ги имал пациентот од претходно.

Веста дека Македонец паднал во кома ја пренесоа српските медиуми, а во текот на вчерашниот ден, пак, стигна и потврда дека станува збор за познатиот пулмолог Ѓорчев.

Синоќа се огласи и неговиот син, поранешниот пратеник Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека татко му е во длабока кома, на респиратор и се бори за живот. Ѓорчев посочи дека неговиот татко со уште неколку свои колеги доктори во неделата тргнал за Ниш за да се вакцинира, зашто неговата земја потфрлила со вакцините.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.