„Како човек, кој досегашниот животен век го поминал во општина Лозово, ја знам душата на секое населено место. Ги познавам секојдневните маки и проблеми со кои се соочуваат граѓаните, бидејќи тоа се и мои маки и проблеми“, истакна кандидатот за градоначалник на општина Лозово, Бошко Цветковски.

Цветковски додаде дека во изминативе четири години Лозово стана општина од која секојдневно младите заминуваат, а селата се празнат, со населени места кои во 21 век немаат здрава и чиста вода за пиење, со пад на електричниот напон при секоја промена на временските услови, села кои се уште се со септички јами, неисчистени улици и непроодни патишта во зимскиот период, депонии на секој чекор, се поголем број на граѓани и семејства кои живеат под прагот на сиромаштија или се наоѓаат во положба на социјален ризик, земјоделци кои мака мачат како да го продадат она што го произвеле, и кои едвај врзуваат крај со крај, нефункционални месни заедници, маргинална улога на младите, затворена и заробена општина, општина во која секојдневно административни службеници излегуваат пред телевизиските камери за јавно да бараат помош од институциите, како би ја запреле голготата која секојдневно ја доживуваат од локалните шерифи!

„Како градоначалник на општина Лозово, пред граѓаните ке понудам концепт на одговорно работење и ќе бидам подготвен да им излезам во пресрет за сите потреби, информации и помош во решавање на нивните проблеми. Ќе се залагам за зголемена ефективност и одговорност на локалните власти во нивното работење и поголема вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуки за прашања што за нив се од суштинско значење. Локалните претставници ќе бидат секојдневно со вас, како би биле во директна комуникација со граѓаните во сите населени места, спроведувајќи една од најдобрите светски практики за подобрување на распределба на локалните буџетски средства“, рече Цветковски.

Цветковски посочи дека по принципот на партиципативно буџетирање сите граѓани би имале еднакви можности да бидат вклучени во донесувањето на одлуки за намена на општинските финансии. На тој начин, граѓанинот ќе го добие местото што го заслужувал отсекогаш. Тој е централна клетка од која поаѓаат и се разменуваат информации преку креаторите на локалната политика и корисниците на услугите.

„Посебен акцент ќе ставиме на локалниот економски развој кој значи потреба од директна работа за економско зајакнување на локалните области за да се подобри квалитетот на живот на граѓаните“, нагласи Цветковски.

Цветковски укажа дека на територијата на општина Лозово постои индустриска зона која опфака 40 парцели, но сведоци сме дека до сега нема заинтересираност кај ниту еден инвеститор. Во оваа насока тој и неговиот тим ќе изготват план и стратегија за промоција на индустриската зона, нејзините карактеристики и поволности со цел привлекување на инвеститори коишто ќе отворат нови производителни погони од областа на текстилната и прехранбена индустрија. Изградбата на индустриски комплекси од ваков вид би го олеснила секојдневниот живот на граѓаните од оваа област на начин што нема да патуваат и да бараат работа, како и да се отселуваат во друг град.

„Во мојата програма се содржани многу детални проекти, поделени како итни и приоритетни и проекти со подолг рок кои се стратешки, поголеми и поскапи. Лозово е мала општина, но за нас кои сме се родиле, растеле и живееме тука е најважната општина.

Токму затоа, наши основни приоритети ќе бидат:

✅Стоп за регионалната ФАБРИКА ЗА УНИШТУВАЊЕ НА МРШИ;

✅Градиме инфраструктура за сите населени места подеднакво;

✅Лозово да биде чиста животна средина;

✅Локален економски развој;

✅Еднакви можности за сите;

✅Општина на социјална сигурност – повеќе пари за социјални трансфери;

✅Квалитетно образование за сите;

✅Квалитетни и оддржливи комунални услуги;

✅Младите во фокусот на локалните политики;

✅Транспарентна, отчетна, услужна, правична, отворена општина за сите граѓани“, вети Цветковски.

Цветковски додаде дека визијата, стратегијата и планираните активности треба да бидат реални и возможни за имплементација од страна на општината, а не само нејзини желби и соништа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.