Црногорската опозиција не му посака добредојде на првиот човек на македонското собрание Талат Џафери во Парламентот на Црна Гора. Џафери присуствуваше на ратификацијата на Протоколот за членство на Македонија во НАТО, но за опозициските народни избраници во црногорското собрание, Талат Џафери не е добредојден бидејќи е терорист кој пукал на македонски војници.

Господинот Џафери е поранешен припадник на терористичките организации, човек кој пукаше македонските војници, на македонската полиција и сигурно пукал и на Срби. Затоа така се однесувам кон него, изјави пратеникот на Нова српска демократија, Јован Вучуровиќ.

Освен пораките испратени кон спикерот на македонското собрание, од црногорските пратеници проблематизирано беше и самото гласање за протоколот. Тие бараа да не се гласа за него бидејќи е против волјата на граѓаните изразена на референдум.

На референдумот излегле вкупно 36,89 проценти, тоа е фијаско. Тоа не е неуспех! Значи, народот на Македонија го одби протоколот за кој ние денеска гласање и вие на нас во Црна Гора ни го претставувате ова како свечен чин и треба да учествуваме во верификација на ненародната волја во Македонија. Тоа е срамно, изјави пратеникот на Демократски фронт, Славен Радуновиќ.

Народните избраници од власта и претседателот на црногорскиот парламент побараа покултурен однос кон македонскиот гостин, бидејќи тој не може да им одговори на нападите, зашто нема да се обрати пред нив.

Сепак, протоколот беше изгласан од страна 44 пратеници, без присуство на опозицијата. Црна Гора е петта земја-членка на НАТО која официјално се согласи за наше членство во Алијансата.

Извор:Алфа



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.