Eкономската ситуација, надворешно политичката ситуација, блокадата од ЕУ и здравствената криза, сите три кризи имаат име и презиме, а тоа се Зоран Заев, Венко Филипче и Никола Димитров, рече на денешната прес-конференција пред  зградата на Владата, пратеникот Антонио Милошоски, пренесувајќи го ставот на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Сметаме дека проектот наречен Зоран, Венко и Никола Димитров треба да си дадат оставка.
Зошто? Затоа што во државата имаме најтешка ситуација од независноста до денес, и за граѓаните, и за здравствениот сектор, и за економскиот сектор, но за жал и за евро перспективата.  Сметам дека со нивната оставка ние ќе можеме како држава да создадеме можност да формираме Влада на експерти која што ќе може подобро да се носи и во здравството, и во економијата, и во евро интеграциите, рече Милошоски.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев, Венко Филипче и Никола Димитров се дел од проблемот на оваа државна криза, а не се дел од решението.

Нивна оставка во најмала рака е морален чин од нивна страна, а во Собранието и на повисоко политичко ниво ќе може да се разговара за Влада која што ќе ужива поширока доверба и наместо партиски личности, ќе има експерти во секоја област кои што ќе можат да понудат конкретни решенија за следната година дена да можеме да имаме план за излез од кризата, порача Милошоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.