Премиерот Зоран Заев денеска повторно зборуваше за бегството за Сашо Мијалков и уште еднаш потенцира дека успеале да го натераат да се пријави, а порача и дека системот мора да се усовршува за да нема повторни разочарувања.

Влечеме поуки секогаш и се трудиме да учиме од слабостите кои сме ги воочиле од претходните случаи. Веројатно поучени од бегството на Груевски, имавме сега успешна акција за натерување на бегалецот да се пријави. Но, секако рековме истрагата мора до крај да се спроведе за да видиме дали некаде затаил системот, дали имаме одредени слабости, дали се тоа институциите под извршната власт или во правосудството за да можеме да извлечеме повторно поуки и да видиме каде се слабостите за нивно отстранување. Овој случај навистина ги охрабри граѓаните дека е можна правда, рече Заев.

Тој вели дека системот мора да се усовршува и порача дека има јакнење на службите под извршната власт, а најави јакнење и на капацитетите на обвинителствата, односно нивните истражни центри.

За Мијалков зборуваше и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, кој смета дека власта транспарентно досега споделила сè што има во врска со случајот со Мијалков, па изрази и честитки.

Целосно детално премиерот ги води сите процеси во овој дел, беше транспарентно објаснето сето она што и Владата и надлежните министерства во рамки на своите надлежности ги направија, и како член на Владата можам да им честитам на сите што се вклучија во оваа активност и не дозволивме граѓаните да бидат разочарани заедно со сите нас. Законот мора да важи за сите, никој не е над законот, мислам дека за целокупниот случај, нам ни е важно институциите да работат професионално навремено и неселективно и да ги убедиме граѓаните дека правдата е достижна и дека правдата важи за сите. Верувам дека оваа влада во наредниот период ќе направи сѐ со сите овие мерки и политики за кои денеска земаме збор или обврска, ќе покажеме и ќе потврдиме дека законот мора да важи за сите, рече Николовски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.